ВИДЕО | Абу Даби жали за смртта на братот на еден од најмоќните државници во светот – прогласена е тридневна жалост

Шеикот Саид бин Зајед Ал Нахјан, почина по здравствени проблеми, објави медиумската агенција на Обединетите Арапски Емирати, WAM.

Претседателскиот суд прогласи тридневна жалост, а знамињата ќе бидат на половина копје, почнувајќи од денеска, 27. јули.

Шеикот Саид бин Зајед Ал Нахјан, брат на владетелот на ОАЕ, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, беше назначен за претставник на владетелот на Абу Даби во јуни 2010 година. Пет дена пред неговата смрт, претседателскиот суд објави дека шеикот Саид бин Зајед Ал Нахјан има здравствени проблеми.

Саид бин Зајед Ал Нахјан е роден во 1965 година во Ал Аин. Во 1988 година, тој се здобил со диплома по политички науки на Универзитетот во ОАЕ. По дипломирањето, тој бил назначен за потсекретар на Одделот за планирање во Абу Даби. Од 1991 до 1996 година, тој бил началник на Одделот за поморски пристаништа.

Тој бил и претставник на шеикот Зајед бин Султан Ал Нахјан, што му овозможило да оствари бројни официјални посети на странски земји. Тој бил и претседател на Фудбалската асоцијација на ОАЕ помеѓу 2002 и 2003 година.

Покрај тоа, тој одиграл значајна улога во различни големи проекти во Емиратите. Тој бил член на Извршниот совет на Абу Даби, Советот за економски развој на Абу Даби и претседател на спортскиот клуб Ал Вахда.

Братот на починатиот шеик, Мохамед бин Зајед Ал Нахјан е еден од најмоќните државници во светот, кој во последната година беше домаќин на водечки светски лидери, како францускиот претседател, кралот на Јордан, турскиот претседател и јапонскиот премиер, а ќе се одржи и посета на рускиот претседател Владимир Путин.