ВИДЕО | Во близина на Атина беснеат опасни пожари, уништени се куќи и автомобили, автопатот затворен, а пламенот забрзано се шири – погледнете
На локалното население им е наредено да ги напуштат своите домови, а стотици деца се евакуирани од летен камп бидејќи два одвоени пожари поттикнати од силните ветрови во понеделникот оштетија домови југоисточно и западно од Атина, пишуваат грчките медиуми.
Пожарот што избувнал во селото Куварас, на околу 27 километри од грчката престолнина, а поради ветрот брзо се прошири, потврдил претставник на грчката противпожарна служба.
Според информациите, околу 200 пожарникари со помош на околу 20 војници, 68 возила и 16 авиони се обидуваат да го стават под контрола пожарот.
Грчката државна телевизија прикажа неколку куќи и автомобили уништени во пламенот.
Нервозните коњи биле преместени од запалените штали во камиони во блиското село Каливија, покажа снимката објавена од медиумската агенција Reuters.
„Поради силните ветрови, пожарот се прошири на 12 километри за два часа“, изјавил портпаролот на грчката противпожарна служба Јоанис Артопоиос на телевизискиот брифинг, додавајќи дека полицијата привела лице осомничено за подметнување пожар.
Противпожарните служби се ставени во подготвеност во поширокото подрачје на Атина.
Околу 1.200 деца од летен камп и жители на центар за рехабилитација се евакуирани поради вториот пожар во близина на летувалиштето Лутраки, на околу 80 километри западно од Атина, рекол градоначалникот на Лутраки за грчката државна телевизија.
Околу 59 пожарникари од 19 противпожарни возила и седум авиони се повикани да го локализираат пожарот, поради што полицијата е принудена да затвори дел од автопатот и да го прекине железничкиот сообраќај.
Грчката метеоролошка служба предупреди на висок ризик од пожар, токму во моментот кога земјата се опоравува од првиот голем топлотен бран во летото.
Се предвидува втор топлотен бран да ја погоди медитеранската земја кон крајот на оваа недела.