ВИДЕО | “ДА ЈА ЗАВРШИМЕ РАБОТАТА!“ – Официјално: Џо Бајден се кандидираше за нов претседателски мандат

Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, официјално ја објави својата кандидатура за нов претседателски мандат во 2024 година.

Секоја генерација има момент кога треба да ја брани демократијата и нивната основна слобода. Верувам дека тоа ни падна нам. Затоа се кандидирам за нов мандат како претседател на САД. Придружете ни се за да ја завршиме работата“, стои во објавата на Џо Бајден.

80-годишникот ја „фрли капата во рингот“ и покрај честите расправии за неговата возраст, бидејќи на крајот на вториот мандат би имал 86 години. Со денешното соопштение се навршуваат четири години откако тој влезе во претседателската трка во 2020 година.

Неговата порака од кампањата се очекува да се фокусира на неговите достигнувања на функцијата – особено неговиот двопартиски инфраструктурен план, планот „CHIPS“ и планот за спас на САД како одговор на пандемијата со вирусот Ковид-19.

Сепак, за разлика од 2020 година, кога Џо Бајден ги насочи своите напади кон Доналд Трамп, овојпат ќе мора да ја брани сопствената работа во Белата куќа.