ВИДЕО | Димитар Ковачевски: “Вреди да се биде на европскиот пат, пристапувањето во ЕУ носи европски стандарди за граѓаните, компаниите и државата“

Премиерот Димитар Ковачевски попладнево на седницата за пратенички прашања во Собранието посочи на придобивките од евроинтеграцискиот пат на државата, на значењето да се продолжи по европскиот пат, за придобивките од полноправното членство во ЕУ. Ги нагласи и значењето на проевропската Влада за граѓаните и претстојната државничка одлука за европските перспективи на граѓаните, што се очекува од Парламентот.

Овие придобивки значат повеќе работни места, подобрување на животниот стандард, поголеми деловни можности и огромни можности што овозможуваат да напредуваме во развојот и како држава и како граѓани“, кажа Димитар Ковачевски.

Премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека само преку ИПА програмата досега  во земјава за модернизација на инфраструктурата и развој се вложени околу 1 милијарда евра неповратни средства.

Во тек е програмирањето на ИПА за 2024 година, на финансиски средства со износ од 80 милиони евра. Проектираните средства за ИПА 3 програмата (2021-2027) што е веќе започната за 2021, 2022 и 2023 година изнесуваат 243 милиони евра. Европски финансиски средства, коишто во форма на неповратна финансиска поддршка, преку ИПАРД програмите се однесуваат за модернизација на земјоделството – за ИПАРД 2 изнесуваат 60 милиони евра, коишто со нашето одговорно работење ги наменивме во целост за потребите на земјоделците. Поради најголематa искористеност од 98 проценти на средствата од ИПАРД 2 програмата, први во регионот почнуваме со новата ИПАРД 3 програма. Европската Унија, за ИПАРД 3 програмата ги  зголеми средствата за 62 процента и сега имаме нови, неповратни 97 милиони евра на располагање за оваа програма“, вели Димитар Ковачевски.

Деновиве, како што кажа, пристигнала и веста дека ЕУ обезбеди финансиска поддршка за вкупно три проекти во износ од 98,9 милиони евра и Европската комисија во својот службен весник објави 100 милиони евра макрофинансиска помош за Северна Македонија.

Тоа е дополнителна потврда, со оглед на начинот на којшто се одобрува макрофинансиската помош, за сите реформски процеси коишто државата ги прави и коишто исто така беа услов за одобрување на оваа макрофинансиска помош“, нагласи премиерот.

Претходно, како што кажа, Комисијата усвоила предлог финансиски пакет од 3 милијарди евра за десет партнери од проширувањето и соседството, за да помогне во ублажувањето на економските последици од пандемијата, од кои 160 милиони евра добила Северна Македонија. „Добивме и грант од 80 милиони евра за справување со енергетската криза“, додаде премиерот Димитар Ковачевски, посочувајки и на грантовите во рамки на инвестициската рамка за Западен Балкан, во секторите енергетика и транспорт.

Премиерот Димитар Ковачевски потсети на изјавата на евроамбасадорот Дејвид Гир, кој при заедничката посета на експресниот пат Градско – Дреново, што се гради со европски ИПА средства во досегашен износ од 21 милион евра, вели дека целта на целокупната поддршка од ЕУ досега е Република Северна Македонија да се подготви да стане полноправна членка, да ги ужива придобивките од членството во ЕУ, да има пристап до поголеми ресурси.

Ова значи спроведување на европски реформи и ова значи европска Влада со одлична соработка со ЕУ. Сите можат да се увериме што значи европска поддршка и европска солидарност кога се работи заедно со партнерите од ЕУ“, потенцира премиерот Димитар Ковачевски.

Претседателот на Владата нагласи дека – „таа поддршка ќе продолжи, со многу повеќе средства, преку нови програми и фондови, кога ќе станеме членка на Европската Унија, што го покажуваат примерите со развојот на Романија, Чешка, Словачка, Полска“. Една земја членка на ЕУ, од фондовите на Унијата, како што вели премиерот, добива над 11 пати повеќе средства по жител, отколку земјите кандидатки за членство. Овие пари, како што нагласи, значат инвестиции во животниот стандард, во нови работни места, во подобро живеење на граѓаните и примена на европските вредности дома. 

Тој ги нагласи перспективите што ги отвориле евроатлантските интеграции.  

Ова потврдува дека нашата држава може да напредува и да расте многу побрзо, само како дел од ЕУ и НАТО. По членството во НАТО, со што ги осигуравме безбедноста и територијалниот интегритет, се покажа дека инвеститорите сакаат предвидлива клима за инвестирање и земјава веќе бележи рекорден број на странски директни инвестиции во износ од 753 милиони евра, што е двојно повеќе од 2016 година. А дека со напредокот по европскиот пат и членството во ЕУ, домашните компании добиваат можност за пристап до единствениот пазар на ЕУ – пазар со околу 500 милиони луѓе и отворени врати за соработка и бизнис што ќе им овозможи напредок, додека граѓаните добиваат можност за нови и подобро платени работни места и европски животен стандрад“, нагласи Димитар Ковачевски.

Од ова, како што кажа, може да се заклучи дека пристапувањето во ЕУ не е само политички процес, туку е и економски процес, со конкретни придобивки за граѓаните.

Поддршката од нашите европски партнери е клучна за исполнување на европските стандарди и приближување на државата кон ЕУ, како и зголемување на стандардот на живеење по сите основи на граѓаните. И затоа велам дека вреди да се биде на патот на европските интеграции. Ние ја имаме шансата до 2030 година да станеме земја членка на ЕУ, со заштитен македонски јазик и со заштитен македонски идентитет. Оваа можност се отвора сега и сега условите се такви заеднички е интересот и на земјите членки на ЕУ и на нашата држава и на земјите од регионот, овој регион да биде целосно интегриран во ЕУ“, изјави Димитар Ковачевски.

Според премиерот, секој треба да размислува во таа насока. Овие параметри, како што рече, да бидат едни во одлуките, кога ги носиме одлуките во однос на интеграцијата на државата во ЕУ, бидејќи на тој начин обезбедуваме подобар живот на граѓаните тука дома.