ВИДЕО | Димитар Ковачевски до Максим Димитриевски: “Тој се клади против своите и сака да направи диференцијација од тоа што бил цел живот“

Во Европскиот фронт вратите се отворени за сите што ги делат вредностите за зачленување на земјава во ЕУ, а затворени за политички партии кои имаат алтернативни решенија, а не за зачленување во ЕУ, вели во интервју за МИА претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

На прашањето на МИА дали ќе коалицира со поранешниот член на СДСМ, Максим Димитриевски, кој е градоначалник на Куманово и основач на партијата ЗНАМ, Димитар Ковачевски вели дека тој својата кампања ја базира на тоа да биде против своите.

Максим Димитриевски е долгогодишен поранешен член на СДСМ. Тој во текот на своето политичко делување одлучи да формира своја политичка партија. На минатите локални избори во градот Куманово тој беше поддржан од опозицијата на државно ниво, односно од ВМРО-ДПМНЕ и од некои други политички партии и на тој начин успеа да го добие мандатот за градоначалник, односно да извојува победа за градоначалник и после тоа формираше своја политичка партија. Не би можел во моментов да ви кажам во делот на коалицирањето или со политичката партија која што ја предводи градоначалникот на Куманово или со други политички партии со коишто не сме коалицирале со оглед на тоа дека тие во своите настапи сакаат да направат диференцијација од тоа што биле цел живот“, вели Димитар Ковачевски.

Тој раскажа анегдота, како што вели, што го потсетувала „кога својата кампања ја базирате на тоа да бидете против своите“, и оти имало такви искуства и во минатото, политички партии коишто произлегуваат од СДСМ, меѓутоа на крајот пак завршувале или во СДСМ каде што им било и местото или во коалиции со СДСМ.

Има една анегдота која што ја кажува поранешниот претседател на САД Роналд Реган. Имало некој човек којшто сонувал постојано број 5. И секоја вечер сонувал број 5, а бил притоа и страствен љубител на обложување на трки со коњи. Тргнувајќи од фактот дека сонувал број 5 цело време вели петка е сигурно среќен број за мене и отишол на една од трките кај што живеел во САД и сите пари коишто ги имал ги ставил на трка број 5, на коњот и џокејот во стаза 5, па и коњот се викал 5х5 и на крајот вложил се’ и коњот нормално завршил на петто место. Така што, од прилика така завршуваат тие ситуации во коишто човек се клади против своите. Така што, да видиме како ќе биде на изборите“, вели Димитар Ковачевски за МИА.

За кого се отворени а за кого затворени вратите во Европскиот фронт, во утрешното издание на интервјуто на МИА со лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.