ВИДЕО | ДРАМАТА ВО ГРЦИЈА ПРОДОЛЖУВА – Мајката на убиениот млад Грк од страна на хрватските хулигани доживеала срцев удар, а пред неговата куќа нападната телевизиска екипа

Грчкиот портал Law and Order објави дека група непознати лица нападнале телевизиска екипа пред куќата на 29-годишното момче, кое беше убиено во насилните инциденти меѓу навивачите на Динамо Загреб и АЕК во близина на стадионот на грчкиот клуб, односно во областа Нова Филаделфија во Атина.

Според информациите од порталот, непознати напаѓачи искршиле камери на новинари пред куќата и претепале еден новинар и неколку техничари. Нападот се случи во Елефсина, индустриски град кој се наоѓа на 23 километри западно од Атина.

Да потсетиме, во пресрет на квалификациите за Лигата на шампионите, повеќе од 100 навивачи на Динамо Загреб нападнаа навивачи на ривалот АЕК, а во нападот беше убиен 29-годишниот Михалис, навивач на грчкиот клуб. Младиот човек се здобил со повеќе убодни рани, поради што и покрај напорите на докторите, починал во болница. Според грчките медиуми, навивачот на АЕК бил прободен со нож во артеријата на раката, што предизвикало неконтролирано крварење, а за убиството се обвинуваат хрватските хулигани.

Како што објави порталот Law and Order, непознати лица ги малтретирале телевизиските екипи барајќи од нив веднаш да ја напуштат локацијата односно куќата во која живеело момчето, а притоа им ги скршиле камерите.

Мајката на 29-годишното момче претходно била префрлена во болница бидејќи доживеала срцев удар по трагичната вест за смртта на нејзиниот син.

И покрај забраната за присуство навивачите од страна на УЕФА, меѓу 100 и 120 навивачи на Динамо Загреб се појавиле доцна во понеделникот во близина на стадионот на АЕК, каде се собирале навивачите на АЕК, соопшти грчката полиција. Судирите избиле повеќе од еден час по завршувањето на тренингот на гостинската екипа т.е. кога тимот го напуштил стадионот, а навивачите од двете страни фрлале различни тешки предмети, рачно изработени експлозиви и камења.

Нејасно е како толку голема група навивачи успеала да ја помине целата земја и да пристигнат до Атина, а автомобилите никаде да не бидат запрени од полициски сили кои знаеле за забраната за организирано движење на навивачите.

Полициските сили за интервенција во Грција веќе биле мобилизирани, но пристигнале по ерупцијата на насилство во која еден навивач на АЕК беше избоден со нож и набргу потоа им подлегна на повредите.

Соседните медиуми од Грција денес објавија и фотографии од местото на настанот односно од околината на стадионот на АЕК утрото по крвавиот конфликт.

слика
слика