Украинскиот претседател Володимир Зеленски на телевизиските новинари им го покажа привременото сместување во кое вели дека живее од почетокот на војната, пишува ДПА.
„Јас живеам овде“, рече Зеленски во филмот на новинарот Дмитро Комаров, кој во петокот беше емитуван на украинската телевизија 1+1. Зеленски рече дека бил таму и кога започнала руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.
Клип од филмот на Твитер објави и Антон Герашченко, советник за внатрешно-политички прашања на украинскиот претседател.
Прозорците на импровизираното сместување се покриени со дебели завеси. На креветот има перници и ќебе со цвеќиња за едно лице, а може да се видат и телевизорот, столот и работната маса.
Зеленски во филмот на камерманите им го покажува и неговиот плакар, каде што висат маслинесто зелени и маскирни јакни, а на подот се војнички чизми.
Ова е мојата „редовна облека“, рече Зеленски. „Во моментов не носам одела“, додаде тој.
Меѓутоа, Зеленски потоа вади одело од левиот агол на плакарот. „Тоа е симбол дека војната наскоро ќе заврши, ќе победиме“, рече Зеленски низ насмевка.