ВИДЕО | ИЛОН МАСК ОТКАКО ГО ИСМЕА ВОЛОДИМИР ЗЕЛЕНСКИ, ОСТРО ГИ НАПАДНА ГЕРМАНЦИТЕ – Милијардерот застана во одбрана на Италија и направи хаос на Х (Твитер)
Илон Маск почна да ја користи својата социјална мрежа X (Твитер) за да се справи со некои европски политичари на сличен начин како што тој досега заземаше позиции во американските јавни дебати – сега, по прашањето на мигрантите, тој застана на страната на крајно десничарската Влада на Џорџија Мелони (Италија) против Германија и невладините организации.
Објавата на Илон Маск, во која ги обвини германските власти за поддршка на организираното доставување мигранти на италијанска територија, привлече нешто помалку внимание од онаа во која тој директно го исмеваше претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Додека јавната порака на Илон Маск до Володимир Зеленски, која ги налути Украинците, беше во согласност со одлуката на Соединетите Американски Држави да скратат 5 милијарди долари од планираното финансирање на Украина, објавите на Илон Маск се чини дека имаат повулгарна популистичка агенда што ја поддржува радикалната десничарска реторика на Џорџија Мелони, но и го поддржува екстремно десничарскиот активизам на германската АфД (Алтернатива за Германија).
И во САД, Илон Маск почна да се залага за запирање на имиграциските процеси и поголеми ограничувања, како и спречување на прекугранични премини. Како десничарски политичар од таборот на Доналд Трамп, тој минатата недела отпатува до границата на САД со Мексико, каде што се состана со неколку локални политичари и службеници за спроведување на законот и во основа водеше антиимигрантска кампања. Ќе биде интригантно да се види колкава поддршка ќе добијат десничарските иницијативи на Илон Маск на европска територија. Засега Илон Маск започна многу сериозен јавен конфликт со германската Влада.
Илон Маск го отвори конфликтот со Германија со прашање на Х: „Дали германската јавност е свесна за ова ?“. Корисник на Х со име @RadioGeno, со кого Илон Маск очигледно сочувствува, смета дека овој чин на хуманост е крајно проблематичен; тврди дека станува збор за собирање мигранти кои потоа се „истоваруваат“ во Италија. Тој тврди дека овие невладини организации се финансирани од Германија и изјави дека се надева оти АфД ќе победи на изборите и на тој начин да го запре ова европско самоубиство.
Објавата на Илон Маск има 73,6 милиони прегледи досега, а истата можете да ја погледнете ОВДЕ.
Илон Маск не мораше долго да чека одговор на германската Влада на провокативното прашање дали германската јавност е свесна што се случува со мигрантите. Министерството за надворешни работи на Германија одговори, а на прашањето дали Германија финансира невладини организации кои префрлаат мигранти во Италија, едноставно соопштија:
„Да – тоа се вика спасување животи“.
Илон Маск не можеше да ја премолчи острата реакција на германските власти, па ја продолжи преписката:
„Значи вие всушност сте горди на тоа. Искрено, се сомневам дека голем дел од германската јавност не го поддржува ова. Дали сте направиле анкети ? Сигурно е дека Германија го уништува суверенитетот на Италија со префрлање на огромен број илегални мигранти на италијанска почва… Има атмосфера на инвазија…“, напиша Илон Маск.
Со други зборови, Илон Маск го поддржува јавниот популистички гнев на Владата на Џорџија Мелони, која ги напаѓа германските хуманитарни организации за нивните мисии за спасување мигранти во Средоземното Море.
Џорџија Мелони тврди дека токму таквите хуманитарни потфати ги поттикнуваат мигрантите да прават опасни премини. Минатиот месец Џорџија Мелони јавно му се налути на германскиот канцелар Олаф Шолц поради обновување на финансирањето на невладините организации кои им помагаат на мигрантите бидејќи се работи за исклучителен миграциски притисок. Логиката на Џорџија Мелони е дека доколку германската Влада го финансира нивното спасување, мигрантите треба да бидат однесени во Германија, а не во Италија. Таа тврди дека политиката на германските власти има директно влијание врз пристигнувањето на бродови со мигранти, што не само што го зголемува товарот на Италија, туку и го зголемува ризикот од трагедии на море. Значи, тие што спасуваат мигранти, во главата на Џорџија Мелони, се виновни за нови трагедии на море. Во исто време, Џорџија Мелони го легализираше статусот на десетици илјади мигранти во Италија, бидејќи на Италија очигледно и треба помлада работна сила и нејзината реторика во основа е крајно лицемерна.
Од друга страна, Германците тврдат дека Италија намерно одбива соодветно да ги регистрира мигрантите, кои потоа завршуваат во Германија. Германија се обврза да преземе дел од мигрантите спасени во Средоземното Море.
Вклучувањето на Илон Маск во европскиот проблем со мигрантите всушност ја открива длабочината на европските поделби за ова чувствително прашање.