ВИДЕО | Каја Шукова: “Започнуваме со распределба на средства на општините за подобрување на водната инфраструктура“
„Секоја од општините во земјава и општините во градот Скопје ќе добие по 200.000 евра подеднакво од заемот од Европската инвестициска банка за подобрување на водната инфраструктура, а од останата сума 16 милиони евра ќе бидат распределени согласно индексот за општински развој и процентот на распределба по планските региони според степенот за периодот од 2018 до 2023 година, додека од преостанатите 18 милиони евра 70 отсто ќе се распределуваат во зависност од бројот на население во општините, а 30 отсто од бројот на населените места“.
Ова, како што кажа министерката за животна средина и просторно плaнирање, Каја Шукова на денешната прес-конференција во Владата, е одлучено на последната владина седница. Вкупната вредност на заемот од ЕИБ за подобрување на водната инфраструктура на општините во нашата држава, додаде, изнесува 50 милиони евра и ќе се отплаќа од Буџетот, а крајни корисници на средствата од заемот се општините и општините во Градот Скопје.
„Mинистерството за животна средина и просторно плaнирање (МЖСПП) со секоја општина ќе склучува договор за донација, а средствата ќе се распределуваат по утврдена методологија за реализација на приоритетни инвестиции за водоснабдителни, канализациски системи, пречистителни станици и опрема. Сметам дека оваа распределба ќе обезбеди поттикнување на развојот и подобрување на социјално-економскиот параметар во сите општини, како и подобрување на животната средина и здравјето на населението“, кажа Каја Шукова.
Според неа, распределбата е развојна, бидејќи 46 општини ќе добијат средства помеѓу половина и еден милион евра, на 28 општини ќе им се доделат средства под 500 илјади евра, додека шест општини ќе добијат повеќе од еден милион евра.
„МЖСПП во изминатиот период презема повеќе чекори за реализација на заемот. Формирана е проектна единица за имплементација во мај, објавени се два јавни повика за изразување интерес за експерти во единицата, формиран е проектен тим во МЖСПП за имплементација на проектот, доставени се барања до општините за листа со предлог проекти и документација и направена е првична анализа на листата на предлог проекти согласно утврдените критериуми“, кажа Каја Шукова.
Општините, пак, додаде, до овој момент до МЖСПП доставија листа со вкупно 373 предлог-проекти, од кои Скопскиот регион има доставено 67 проекти, Вардарскиот 64, Источниот и Југозападниот по 50, Полошкиот 46, Југоисточниот 40, Пелагонискиот 36 и Североисточниот 20.
Министерката Каја Шукова најави дека во следниот период се планира одржување на работилници со општините со цел објаснување на процесот и обука за пополнување на проектните прашалници. Исто така, Проектната единица за имплементација и консултантот ангажиран од банката ќе работат на подготовка на тендерската папки за секоја од општините.