ВИДЕО | Крешник Бектеши: “Сите балкански земји треба да бидат еднакво третирани од страна на ЕУ“

Сите балкански земји треба да бидат третирани на еднаков начин од страна на ЕУ. Тоа е единствениот начин што ќе ни помогне да се интегрираме во ЕУ. Ова е најважно за Северна Македонија, но исто така и за сите балкански земји, зашто ние не може да работиме само на преживување, туку мора да создадеме прогрес преку реформи и прилагодување кон европските програми“, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши од Преспа форумот во Струга.

Бектеши, кој беше еден од панелистите на сесијата „Трасирање на патот кон просперитет: економско-финансиски стратегии за раст на Западниот Балкан“, нагласи дека за напредок, на сите земји од регионот им е потребна европска поддршка. Тој го почна своето излагање, како што и самиот напомена, „со зборот ЕУ“.

Би почнал со зборот ЕУ. Прогрес не можеме да направиме без поддршка од ЕУ. Дојдовме до точка во која почнавме да размислуваме и да ги разгледуваме придобивките од (е)миграциите. Процесот на миграција не можеме да го избегнеме, но мора да му пристапиме стратешки, да имаме политики кои соодветно ќе одговорат. Мора да обезбедиме инвестиции и многу знаење. Во однос на економијата на ЕУ, особено стандардот на живеење, платата и социјалните услуги, за граѓаните е многу важно да имаат еднаквост и пристап до сите можности“, кажа Бектеши.

На емиграцијата претходно се осврна и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, посочувајќи дека тоа е еден од клучните предизвици со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан.

Едно од пет лица си заминуваат, а уште повеќе загрижува фактот што една третина од испитаниците искажале волја да си заминат. Има проценки дека во последната деценија, ако не би имало емиграција, за два до три процентни поени би бил растот на земјите во Западен Балкан“, подвлече Ангеловска-Бежоска.

Панелисти на сесијата беа и министерот за финансии на Црна Гора Александар Дамјановиќ, како и Ивана Живковиќ од УНДП.