ВИДЕО | Милорад Додик пристигна во Москва, пред средбата со Владимир Путин се сретна со еден од најистакнатите ‘јастреби’ на Кремљ: “Задоволни сме!“
Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, во понеделникот пристигна во Москва, откако беше најавена неговата средба со рускиот претседател Владимир Путин, а на првиот ден од посетата, тој се сретна со Николај Патрушев, секретар на Советот за безбедност на Русија и еден од најблиските на соработници на Владимир Путин.
Јавниот сервис на Република Српска (РТРС) објави кратко видео од средбата на Милорад Додик и Николај Патрушев, на која учествувале и нивни соработници. Во исто време, Николај Патрушев кажа дека е „многу благодарен“ на Милорад Додик за доаѓањето во Русија, изразувајќи задоволство од се посилните врски со Република Српска, чии власти отворено ја поддржуваат Москва во нејзината конфронтација со Западот и одбиваат да ја осудат руската инвазија на Украина.
„Задоволни сме од развојот на целиот комплекс на нашите врски, кои се повеќе добиваат стратешки карактер“, изјавил Николај Патрушев, кој е познат како еден од најистакнатите „јастреби“ во администрацијата на Кремљ.
Милорад Додик треба да остане во Москва до средината на неделата, а неговата средба со Владимир Путин е закажана за вторник на маргините на средбата што рускиот претседател ја организира за промовирање сојуз со соседните земји кои продолжуваат да го поддржуваат и покрај осудите од Западот и изолацијата на меѓународната сцена.
Првиот човек на РС во Москва, Душко Перовиќ, најави дека Милорад Додик ќе биде таму за да разговара за снабдувањето со руски гас, односно за изградбата на нов гасовод, укажувајќи дека властите во Бања Лука се подготвени да платат за овој извор на енергија во рубљи.
Изградбата на нов гасовод преку кој гасот преку Србија би се испорачувал исклучиво од Русија е едно од клучните барања со кои Милорад Додик го условува донесувањето на важни одлуки на ниво на Советот на министри на Босна и Херцеговина.