ВИДЕО | ОВАА ЗИМА ЌЕ БИДЕ СПЕЦИЈАЛНА – Се очекува спектакл на небото, а еве од каде ќе може да се види
Оваа зима ќе биде спектакуларна кога станува збор за поларната светлина – поради врвот на сончевата активност, научниците предвидуваат дека поларната светлина ќе биде највидлива и најинтересна во последните 20 години, пишува The Guardian.
Весникот потсетува дека поларната светлина веќе е забележана во јужниот дел на Англија, а поради феноменот „Стив“ неодамна во северните делови на соседна Србија е забележано нешто слично на поларната светлина.
Како што пишува британскиот весник, се очекува сончевата активност да го достигне својот максимум, кој го достигнува во просек на секои 11 години, во периодот од јануари до октомври 2024 година. Тоа ќе доведе до спектакуларни бои на ноќното небо во областите поблиску до половите. Овој сончев максимум многумина со нетрпение го очекуваат бидејќи претходниот, во април 2014 година, беше најслаб во минатиот век.
„Очекувам да има повеќе активност на поларната светлина отколку што имало во последните 20 години. Причината е главно сончевиот циклус и фактот што активноста на Сонцето се приближува до својот врв. Има уште еден фактор, последниот соларен максимум беше многу слаб“, изјавил за The Guardian, Нјал Гулдбрандсен, физичар од геофизичката опсерваторија во Тромс, дел од универзитет во Норвешка.
Вообичаено, најдобрите места за да се види поларната светлина, која се јавува кога многу честички од Сонцето стигнуваат до Земјата, се северна Норвешка, северна Финска, Шведска, Исланд, северни САД и Канада и јужниот дел на Гренланд. Меѓутоа, за време на соларниот максимум, поларните светлина се шират и можат да се видат од локации низ Европа.