ВИДЕО | Огромни протести за Палестина во Берлин, Париз и Лондон: „Примирје сега“

Пропалестинските демонстранти одржаа протести во Лондон, Берлин, Париз, Анкара и Истанбул во саботата за да повикаат на прекин на огнот во Газа и да го критикуваат Израел, чија војска ги засили нападите врз палестинската група Хамас.

Телевизиските снимки од Лондон покажаа големи групи луѓе како седат на подот и блокираат делови од центарот на градот пред да се упатат кон плоштадот Трафалгар.

Демонстрантите носеа натписи „Слобода за Палестина“ и извикуваа „Примирје сега“ и „Илјадници, милиони од нас, сите ние сме Палестинци“.

Полицијата соопшти дека привела единаесет лица. Едно лице е уапсено поради држење на транспарент кој може да поттикне омраза, со што е прекршен законот за тероризам.

Илјадници во центарот на Париз

Илјадници луѓе маршираа низ центарот на Париз, каде повикаа на прекин на огнот со знаци како „Стоп за циклусот на насилство“ и „Да не се прави ништо, да се каже ништо значи да се биде соучесник“.

Тоа беше еден од првите големи пропалестински собири што беа дозволени во Париз по нападот на Хамас на 7 октомври.

Француските власти забранија некои претходни пропалестински демонстрации поради загриженоста за јавниот ред и мир.

„Денес дојдовме да ја покажеме француската солидарност со палестинскиот народ и нашата поддршка за мирот, за мирно решение со две држави, израелската држава и палестинската држава“, рече 30-годишниот Антоан Гереиро, државен службеник.

Голем протест во Берлин

Демонстрантите во Берлин вееја палестински знамиња и бараа примирје. Една жена одела со крената рака, намачкана со вештачка крв.

Стотици демонстранти се собраа во Истанбул и Анкара, еден ден пред посетата на американскиот државен секретар Антони Блинкен на Турција за да разговараат за Газа.

Демонстрантите во паркот Сарачане во Истанбул носеа натписи на кои пишуваше „Блинкен, учесник во масакрот, излези од Турција“, покрај фотографијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со Блинкен и голема црвена буква „Х“.

„Децата умираат, бебињата умираат, ги бомбардираат“, рече 45-годишната учителка Гулсум Алпај.

Снимката од Анкара покажува дека демонстрантите собрани во близина на американската амбасада извикуваат слогани и држат транспаренти на кои пишува: „Израел бомбардира болници, американскиот претседател Џо Бајден плаќа за тоа“.