На крајот на февруари, научниците пронајдоа уште една мистериозна статуа на Велигденскиот Остров во коритото на исушена лагуна лоцирана во средината на вулкански кратер.
Познати како Моаи, за големите камени скулптури на човечки фигури до денес не се знае кој ги издлабил и ги поставил на островот во Пацификот, според извештајот на списанието National Geographic, пренесува NBC.
Досега на Велигденскиот Остров се откриени повеќе од 1.000 статуи Моаи, но веројатно има уште многу.
Иако многумина добија впечаток дека тоа се само извајани глави (обично така ги гледаме овие мистериозни вулкански камени статуи на фотографиите), статуите всушност имаат торзо; иако многу од нив сè уште се делумно или целосно закопани во земја.
Во просек, статуите достигнуваат висина од 4 метри и тежат околу 10 тони. Најголемата од нив, Ел Хиганте, е висока 21 метар и тежи неверојатни 200 тони. Повеќето од статуите поради некоја причина со грб се завртени кон морето, наведува National Geographic.
Најстарите статуи пронајдени на островот датираат од 1300 година, а најмладите од крајот на XVI или почетокот на XVII век.
Археологот Џо Ен Ван Тилбург, директор на проектот за статуи на Велигденскиот Остров, верува дека тие биле направени од Полинезијци кои го откриле овој остров околу 1000 година и развиле напредни социјални, политички и религиозни системи од кои произлегле Моаите.
Имено, постои врска помеѓу моаи, народот Рапа Нуи и слични монолити пронајдени околу Полинезија.
Експертите веруваат дека овие статуи потекнуваат од заедничка религија – дури и ако не секогаш изгледаат слично.
Статуата беше пронајдена на 21 февруари од тим волонтери од три чилеански универзитети кои соработуваат на проект за обновување на мочуриштата во кратерот на вулканот.
Интересно е што во последните 200 или 300 години лагуната била длабока 3 метри, што значи дека ниту едно човечко суштество не можело да постави Моаи таму во тој период – наведуваат членовите на тимот и додаваат дека засега не планираат да ја отстранат од тоа место.
Новооткриената статуа Моаи е висока 1,6 метри и е пронајдена како лежи на страна и гледа во небото. Вулканот Рано Рараку и неговите Моаи се дел од светското наследство на УНЕСКО.