ВИДЕО | По Хрватска, апокалиптични сцени снимени и во Србија: Паѓаат кранови и дрвја, летаат покриви, а забележано и мини-торнадо – погледнете!
Откако ја опустоши Словенија, а потоа и Хрватска, големото невреме претходниот ден се пресели во Србија со исто толку разорен ефект. Снимките на Интернет се објавуваат и од Србија каде бурниот ветер носи покриви и урива дрвја.
Невремето пристигна во Нови Сад околу 19:30 часот, јавуваат соседните медиуми. Таму дрво паднало врз 12-годишно девојче, на кое му била укажана помош на лице место, а откако и била укажана помош, таа била пренесена во болница.
Припадниците на Одделот за вонредни состојби на Министерството за внатрешни работи на Србија спасиле 15 лица од невремето. Десет лица, меѓу кои пет деца, спасиле пожарникари од шумата во Беочин, а една жена од автомобил во Бегеч.
Пожарникарите извлекле еден маж од чамец на кој паднало дрво во Нови Сад, додека пожарникарите од Крагуевац спасиле три лица.
Во Сремска Митровица бурниот ветер однел дел од покривот на болницата, а во Нови Сад ја сруши спортската сала на О.У. „Јозеф Атила“.
Погоден од големото невреме беше и главниот град на Србија. Откако за само неколку минути се стемнило, започнало невреме, улиците во Белград биле исполнети со искршени гранки, поради што, како што пишуваат соседните медиуми, по одредени улици било невозможно да се вози. Во населбата Нов Белград, каде што ветерот соборувал дрвја и уништувал покриви и разни предмети по улиците, два крана паднале од градилиштата. Според првите информации, како што се наведува, нема повредени лица.
За само два часа итната помош имала околу 40 интервенции на подрачјето на Белград. Белградскиот аеродром „Никола Тесла“ извесен период бил затворен, но подоцна бил повторно отворен. Невремето предизвикало проблеми и во железничкиот сообраќај со соборување дрвја на електричната мрежа.
Невремето го зафати и Крагуевац. Дрвјата биле урнати од налетите на ветерот, оштетени се покриви, а во некои делови од градот нема струја. Без струја биле оставени делови од Војводина и Белград, а без струја останале граѓаните во Обреновац и Жарков.
Вознемирувачката сцена е снимена во белградското предградие Рипањ, каде е снимен необичен феномен на небото, за кој авторот на видеото мисли дека е торнадо.
Невремето потоа започнало да се движи кон централна Србија, како што пишува Blic.rs. По хаосот што го предизвикало во Војводина и Белград, на мета биле Крушевац, Поморавље, а потоа и источна и југоисточна Србија.