ВИДЕО | Пронајден и вториот дел од авионот во кој загина Евгениј Пригожин – руските медиуми објавија снимки од местото на настанот

Вториот дел од авионот Embraer Legacy 600 во кој во средата вечерта загина лидерот на групата Вагнер, Евгениј Пригожин и уште девет лица, денес е пронајден.

Локацијата на која е пронајден вториот дел од авионот може да биде многу важна за истрагата за причината за авионската несреќа во која загина и самиот Евгениј Пригожин.

Руските медиуми објавија и видео од вториот дел од авионот на Евгениј Пригожин, кој се состои од крилата и опремата за слетување, на кои нема траги од напад од страна на руската против-воздушна одбрана.

Според медиумите, особено е интересно што вториот дел од авионот е пронајден на околу три километри од местото каде што паднал поголемиот дел, односно трупот на приватниот авион.

Да потсетиме, лидерот на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин, беше убиен во средата. Авионот во кој се наоѓал се урна во регионот Твер додека летал меѓу Москва и Санкт Петербург. На снимката објавена на Интернет очигледно се гледа како малиот авион влече по облак чад пред да удри во земјата и да се запали.

Водечкиот истражувачки новинар за руски прашања, Христо Грозев, пред само 10 дена даде изјава во која прецизираше дека во рок од шест месеци или Евгениј Пригожин ќе умре или ќе се случи нов државен удар во Русија.

Медиумите поврзани со Вагнер побрзаа да сугерираат дека руски против-воздушен проектил го соборил авионот на Евгениј Пригожин.

Лидерот на Вагнер, Евгениј Пригожин и стана познат на светската јавност по улогата на неговата платеничка група во војната во Украина.