ВИДЕО | РУСКАТА ТУРНЕЈА НА КИМ ЏОНГ УН ПРОДОЛЖУВА – Лидерот на Северна Кореја посети фабрика за авиони на рускиот Далечен Исток
Лидерот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, во петокот пристигна во градот Комсомолск на Амур на рускиот Далечен Исток и се упати кон фабриката која произведува воени авиони и друга опрема, објави руската медиумска агенција ТАСС.
ТАСС пренесува дека Ким Џонг Ун бил пречекан од регионалниот гувернер и други официјални лица на црвениот тепих на железничката станица во градот.
Тој бил однесен во фабриката за авиони именувана по советскиот космонаут Јуриј Гагарин, првиот човек во вселената.
Во фабриката се произведуваат најсовремените руски борбени авиони, а ТАСС ги издвојува Su-35 и Su-57, а тие исто така произведуваат и цивилни авиони.
Во четвртокот, придружуван од рускиот претседател Владимир Путин, Ким Џонг Ун го посети космодромот „Восточни“, најмодерниот руски вселенски објект, во регионот Амур.
Двајцата лидери, придружувани од нивните министри за одбрана, разговараа за воени прашања. Во четвртокот Владимир Путин ја прифатил поканата на Ким Џонг Ун да ја посети Северна Кореја, пренесува медиумската агенција Reuters.
Зајакнувањето на пријателството меѓу Ким Џонг Ун и Владимир Путин ги загрижува САД и нивните сојузници. Вашингтон го обвинува Ким Џонг Ун дека и продава оружје на Русија, но не е докажано дека тоа всушност се случува. И Русија и Северна Кореја го негираат ова, но ветија дека ќе ја продлабочат одбранбената соработка.