ВИДЕО | Сергеј Лавров пристигна во Северна Кореја: Погледнете како илјадници луѓе го пречекаа на аеродромот – ова ги надминува и стандардите на режимот на Ким Џонг Ун
Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, во средата и се заблагодари на Северна Кореја за поддршката на руската инвазија на Украина, за време на официјалната посета на таа земја, која САД ја обвинуваат за вооружување на Москва.
„Високо ја цениме вашата принципиелна и недвосмислена поддршка за руските акции како дел од специјалната воена операција во Украина“, порачал Сергеј Лавров, пренесуваат руските медиуми.
Тој се заблагодари и за признавањето на руската анексија на четири украински региони. Северна Кореја е единствената земја во светот што го направила тоа.
Сергеј Лавров вели дека неговата дводневна посета на Северна Кореја е можност да се „дефинираат практични мерки за целосно спроведување на договорите“ постигнати за време на посетата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун на Русија во септември.
Погледнете го спектакуларниот пречек на Сергеј Лавров во Северна Кореја – ОВДЕ.
„Сергеј Лавров ќе ја подготви и посетата на Владимир Путин на Северна Кореја“, најави претходно потпаролот на Кремљ.
Средбата меѓу Ким Џонг Ун и Владимир Путин ги зголеми стравувањата на Запад дека Северна Кореја ќе и даде оружје на Москва.
САД во петокот објавија дека тоа веќе се случува и испораката на оружје е во тек.