ВИДЕО | Се зголемува бројот на загинати во катастрофалните поплави во Италија: “Степенот на уништување е споредлив со земјотрес!“

Поплавите во кои животот го загубија најмалку девет лица во северниот италијански регион Емилија-Ромања предизвикаа штета од повеќе милијарди евра, особено во земјоделството бидејќи беа поплавени полињата, објавија италјанските медиуми.

Степенот на уништувањето е споредлив со земјотрес“, изјавил Стефано Боначини, претседател на регионот Емилија-Ромања, за телевизијата Rai 3.

Според здружението на фармери „Coldiretti“, повеќе од 5.000 фарми се под вода во регионот каде се наоѓа т.н. „долина на овошје“, која претрпе големи штети во земјотресот во 2012 година.

Владата се очекува да додели дополнителни 20 милиони евра за Емилија-Ромања следната недела, а над десетте милиони евра се веќе доделени како одговор на претходните поплави на почетокот на мај.

Неколку илјади луѓе се евакуирани оваа недела поради невремето и обилниот дожд во областа меѓу Болоња и Римини на јадранскиот брег. Повеќе од 20 реки се излеале од коритата, предизвикувајќи поплави и стотици свлечишта.

Неделната трка за големата награда на Формула 1 во Имола е откажана за да се намали притисокот врз службите за итни случаи.

Жителите на градот Кастел Болоњезе во близина на Равена мораа да чистат вода и кал во четвртокот наутро. „Беше ужасно да се види“, рекол трговецот Енрико Ротони и додал: „Многу работи се уништени, но мораме да продолжиме“, пренесуваат тамошните медиуми.

На почетокот на мај најмалку две лица во Емилија-Ромања загинаа поради големите невремиња. Силниот дожд уследи по неколкумесечна суша што ја исуши земјата, намалувајќи ја нејзината способност да апсорбира вода, велат метеоролозите.