Украинските сили тврдат дека уништиле руски ракетен брод од Црноморската флота во специјална операција во близина на Крим, полуостровот кој е под руска окупација. Тие објавија и видео од уништувањето на корветата „Ивановец“, која во текот на ноќта била погодена директно во трупот, по што потонала, пишува BBC.
Претставници на военото разузнавање објаснуваат дека на видеото се гледа моментот на удар проследен со голема експлозија.
BBC пишува дека руските власти се уште не го коментирале инцидентот.
Меѓутоа, рускиот воен блогер Военкор Котенок во објава на социјалната мрежа Телеграм напиша дека бродот потонал откако трипати бил погоден од поморски дронови.
Врз основа на неколку карактеристики видливи на бродот преку украинската видео-снимка, може да се заклучи дека се работи за брод од класата „Тарантула“, или Project 12411, класа на корвети од руската и друга морнарица, на која и припаѓа „Ивановец“.
Станува збор за распоред на јарболи и сензори на врвот на главната конструкција, како и голема радарска купола на врвот на мостот.
Главната украинска разузнавачка агенција соопшти дека бродот бил уништен од војниците на нејзината специјална единица „Група 13“ во езерото Донузлав, солен залив на западната страна на полуостровот Крим каде што се наоѓа поморската база.
Поради низа директни удари во трупот, рускиот брод претрпел штета што го оневозможило движењето – „Ивановец“ се навалил и потонал.
Руската операција за пребарување и спасување во областа била неуспешна, соопштуваат украинците.
Бродот наводно вреди меѓу 60 и 70 милиони долари (помеѓу 55 и 65 милиони евра).