ВИДЕО | СТРАШНО НЕВРЕМЕ – Во Холандија беснее досега најлошата летна бура во историјата: “Останете дома! Ветерот дува до 145 км/ч.“
На жителите од поголемиот дел од Холандија им беше соопштено да останат во затворени простории бидејќи ретка летна бура го погоди холандското крајбрежје во средата наутро, предизвикувајќи ветрови со брзина до 145 километри на час и сериозно нарушувајќи го воздушниот и железничкиот сообраќај.
Националниот метеоролошки институт издаде највисоко ниво на предупредување до жителите на провинцијата Норд-Холандија, која го опфаќа и Амстердам, апелирајќи до граѓаните ги да не ги напуштаат своите домови и да повикаат итна помош во ситуации опасни по живот.
Бурата наречена „Поли“ е најлошата досега во Холандија во текот на летните месеци и најсилната од јануари 2018 година, објави метеоролошката агенција Weeronline.
Силните бури во Холандија обично се случуваат помеѓу октомври и април. Последната голема летна бура во земјата беше во 2015 година и беше прва по повеќе од еден век.
Телевизијата АТ5 објави дека две лица се повредени во Амстердам кога дрвја паднале врз нивните автомобили.
Градскиот аеродром Шипхол, еден од најпрометните центри во Европа, откажа повеќе од 300 летови, а сообраќајот се очекува да биде ограничен најмалку до 15 часот по локално време.
Железничките оператори ги прекинаа сите услуги на северот на земјата, а автопатот северно од Амстердам е затворен поради паднати дрвја.
Невремето претпладне ќе се движи кон исток низ северот од земјава, а попладне се очекува да слабее.