Украина наскоро би требало да добие нови ракети со долг дострел кои ќе и овозможат да ги нападне руските позиции лоцирани далеку од линијата на фронтот, пишува Daily Mail.
Модифицираните американски бомби со мал дијаметар дизајнирани за лансирање од копно (GLSDB) произведени од компанијата Boeing and Saab, имаат дострел од 160 километри и можат да се користат во тандем со американските балистички ракети ATACMS кои имаат дострел од 300 километри.
Американски функционер запознаен со ова прашање вели дека е можно САД да испратиле некои од GLSDB во Украина уште во средата.
Politico пишува дека GLSDB се тестирани со месеци и дека дури ни САД ги немаат во својот арсенал. САД ја има верзијата која се лансира од воздух, но не и од копно.
Луѓето кои зборуваа за Politico за GLSDB изјавија дека очекуваат тие да бидат многу корисни за Украина.
„Тоа ќе ѝ даде опции што ги немала досега. Ќе се надоврзе на нејзиниот арсенал со долг дострел“, изјави едно лице за Politico.
GLSDB ќе пристигнат во Украина во време кога на украинската Армија и е многу потребна муниција. Европската унија во средата соопшти дека ќе испрати 500.000 единици хаубициска муниција во Украина, а не и милионот што го вети.
Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи, Жозеп Борел, инсистираше на тоа дека ЕУ ќе испрати повеќе од еден милион парчиња муниција во Украина до крајот на годината. Имено, се очекува дека европската одбранбена индустрија уште повеќе ќе го зголеми производството на муниција.
Германскиот канцелар Олаф Шолц побара од останатите земји-членки на Европската унија јасно да кажат каква воена помош ќе испратат за Украина. Франција, Шпанија и Италија се најдоа на мета на критики затоа што не и помогнале доволно на Украина.