Украина го претстави својот нов подводен дрон за напад на руски воени бродови, пишува украинскиот веб-портал foks.ua.
Дронот го доби женското име „Маричка“, а се претпоставува дека може да ја промени ситуацијата на море, односно бродовите на руската Црноморска флота да станат поранливи, бидејќи до сега нападите главно се вршеа со површински дронови.
Веб-порталот наведува дека се работи за „украинска идеја“ реализирана од локални воени експерти. Тие поставиле цел – да создадат национален проект – „Армија на подводни дронови“ кој ќе се базира на беспилотните летала на „Маричка“. „Маричка“ е развиена од инженери на Ammo Ukraine и се проценува дека чини 433.000 долари, објавија украинските медиуми.
Според овој проект, „Маричка“ ќе се одликува со уникатни способности, меѓу кои и уништување на бродови, носачи на мостови и крајбрежни утврдувања.
Ова е особено важно затоа што Русија во моментов има предност на Црното Море, а Украинците веќе неколку пати се обидоа да го уништат мостот што го поврзува руското копно со полуостровот Крим, но постигнаа само краткотраен прекин на сообраќајот. Затоа од „Маричка“ очекуваат многу.
Главните предности на идниот подводен дрон се ниското ниво на бучава и невидливоста, односно можноста да се скрие од непријателските системи за електронско војување.
Точните спецификации на идниот бродски дрон се чуваат во тајност. Очигледно, бидејќи програмерите веќе купиле голема серија батерии, морскиот дрон ќе се напојува со електрична енергија. Тие тврдат и дека „Маричка“ ќе може да „демне“ под вода во исчекување на мета и да се активира или со тајмер или со сигнал на оператор. „Маричка“ има домет од околу 600 милји и може да извршува нападни, транспортни или извидувачки мисии, пишува Navalnews.
Првиот човек на украинската разузнавачка служба, Кирило Буданов, изјави дека морнаричките дронови успеале да ја „парализираат“ руската Црноморска флота.
„Убедени сме дека по првиот напад на ‘Маричка‘, руската флота ќе ја изгуби важноста што ја има сега, бидејќи многу цели во Украина, пред се пристаништето Одеса, се цел на проектили инсталирани на воени бродови“, тврдат убедено авторите на проектот.
Украина претходно претстави многу помал подводен дрон наречен „Толока“. Сепак, се уште се утврдува дали е користен за напади врз руски бродови, објави весникот The Telegraph.