ВИДЕО | ЦИА директно им се обрати на руските шпиони: “Имате ли храброст да се предадете ? Ве продадоа за јахти и шампањ!“
ЦИА објави видео изработено од висока професионална продукција на руски јазик во кое се обидува да ги убеди руските разузнавачи да ја сменат страната и да станат двојни агенти на Вашингтон.
Директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, во јули изјави дека незадоволството кај некои Руси поради војната во Украина создава единствена можност за регрутирање шпиони и дека организацијата нема да ја пропушти.
Видеото, објавено на официјалниот профил на ЦИА на социјалната мрежа Х (Твитер), е насочено кон руски патриоти вработени во разузнавачката заедница кои се сметаат за предадени од корупцијата во елитните кругови и лошата опрема и снабдување на руските вооружени сили.
„Оние околу вас можеби не сакаат да ја слушнат вистината. Но ние ќе ви помогнеме. Не сте беспомошни“, им кажува речиси триминутното видео, во кое се наведени и начини како да стапите во контакт со американската агенција.
Главниот лик во видеото, придружен со меланхолична класична музика, е измислен 35-годишник, вработен во воена разузнавачка агенција на Русија. Тој е претставен како патриот кој ја сака Русија и некогаш служел како падобранец.
„Дали имам доволно храброст да се спротивставам на ова предавство ?“, вели ликот во видеото, пред да открие дека сфатил дека вистинските непријатели во Русија се корумпираното раководство и елитата.
„Врвното раководство ја продаде земјата за палати и јахти, додека нашите војници џвакаат скапани компири и пукаат со праисториско оружје. Нашите луѓе се принудени да плаќаат мито за да најдат работа“, продолжува 35-годишникот во видеото, кое ги спојува снимките од бледата руска зима со луксузни автомобили и шампањ.
Главниот лик потоа истакнува дека неговиот патриотизам го поттикнал да соработува со ЦИА, а на крајот се гледа како контактира со таа американска агенција.
Кремљ ги отфрли наводите за лошо опремена Армија изнесени на видеото. Портпаролот Дмитриј Песков изјави дека ваквата практика на користење на медиумите и социјалните мрежи за регрутирање е вообичаена и дека ЦИА тоа го прави секоја година.
Дмитриј Песков додаде дека ЦИА направила грешка бидејќи го објавила видеото на социјалните мрежи, односно на Х (Твитер) – мрежа која е забранета во Русија и може да се пристапи само преку VPN.
„Некој треба да и каже на ЦИА дека кај нас VKontakte е многу попопуларен од забранетиот Х и дека таму публиката е многу поголема“, нагласува Дмитриј Песков, повикувајќи се на руската социјална мрежа.