ВИКТОР ОРБАН ВО НЕВОЛЈА – Унгарската економија забележа значителен пад, а Владата тврди: “Економските основи се стабилни“
Унгарската економија се намали во вториот квартал за 2,4 отсто на годишна основа, покажуваат првите проценки на централниот завод за статистика КСХ во средата. Според сезонски и календарски приспособени податоци, објавени од КСХ, бруто домашниот производ (БДП) паднал за 2,3 отсто во однос на истиот период претходната година.
За падот на активноста најмногу придонеле индустријата и услужниот сектор, пред се транспортот, складирањето и трговијата, но земјоделството го ублажило падот. Во однос на претходниот квартал, БДП се намали за приспособени 0,3 отсто, што е четврти квартал по ред.
Коментирајќи ги овие податоци, Министерството за финансии на Унгарија во соопштение за медиумите наведува дека унгарската економија ќе расте во втората половина од годината и дека следната година би можела да го надмине просекот на ЕУ, без оглед на војната во Украина и „бриселските санкции“. „Економските основи се стабилни“, се вели во соопштението за печатот на Министерството, истакнувајќи ја рекордната вработеност и стапката на невработеност, која е меѓу најниските во ЕУ.
Покрај тоа, тие го издвојуваат силното земјоделство и надворешнотрговската размена и слабеењето на инфлацијата. Во соопштението додаваат дека благодарение на владините мерки се очекува до крајот на годината стапката на инфлација да биде едноцифрена.
Во изјавата, министерот за економски развој Мартон Наѓ ја нагласи поврзаноста меѓу податоците за БДП и војната во Украина и санкциите, што предизвика пад на потрошувачката и забавување на инвестициите. „Меѓу другите надворешни влијанија е и стагнацијата на германската економија“, вели Мартон Наѓ.
Но, тој додаде дека податоците за вториот квартал го претставуваат дното на негативниот економски циклус и дека економијата брзо ќе се врати на раст во третиот и четвртиот квартал. Тој ги посочи мноштвото нови странски инвестиции и високото ниво на вработеност, како и силното производство на возила и акумулатори и извозот кој рапидно расте.
„Целта на Владата е да избегне рецесија во текот на целата година и постави раст од четири проценти во 2024 година“, вели Мартон Наѓ.