Вилнус: Ковачевски се сретна со грчкиот премиер Мицотакис

 – Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на вториот ден од Самитот на НАТО во Вилнус, Литванија, оствари билатерална средба со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

Според владиното соопштение, на средбата соговорниците размениле мислења за севкупните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Грција и била потенцирана подготвеноста за нивно зајакнување и проширување на соработката во секое поле од заемен интерес, а посебно на економски план.

Двајцата премиери изразија задоволство од трендот на зголемување на трговската размена меѓу Северна Македонија и Грција.

„Ковачевски и Мицотакис истакнаа дека од клучна важност е соработката во енергетскиот сектор, за која се согласија дека има голем потенцијал ако се земат предвид заедничките проекти за изградба на терминалот за течен нафтен гас во Александруполи, како и гасното поврзување помеѓу двете земји“, се вели во соопштението.

„Премиерот Ковачевски му ја честиташе победата на неодамнешните избори на својот грчки колега Мицотакис и изрази уверување дека соработката помеѓу двете влади ќе продолжи со зголемен интензитет. Воедно, се заблагодари за силната грчка поддршка на процесот на интегрирање на Северна Македонија во Европската Унија“, се додава во владиното соопштение.

На средбата соговорниците разговараа и за актуелните регионални теми.