Висока воена делегација на Вооружените сили (ВС) на Република Турција, предводена од началникот на Генералштабот на ВС на Република Турција, генерал Метин Ѓурак во рамки на официјалната посета на Република Македонија, денес, престојуваше во Генералштабот на Армијата.
По пречекот со високи воени почести, генералот Ѓурак оствари средба со својот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на која беше реафирмирана соработката која е на континуирано висок ниво со ВС на Република Турција, како еден од нашите најголеми стратешки партнери. Тридецениската меѓуармиска соработка и поддршка особено е изразена во доменот на обуката, военото образование, заедничкото учество во меѓународни операции и мисии, каде голем број наши ротации беа под покровителство на турскиот контингент, вклучително и последната во мисијата на ЕУ/АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Генералот Лафчиски рече дека пријателска Турција, како наш стратешки партнер, значајно придонесува за модернизацијата на Армијата и нејзиното опремување со нови, современи средства, компатибилни со стандардите на земјите членки на НАТО, меѓу кои е и последната донација од дронови, средства за врски, ноќни визири и интендантска опрема за потребите на специјалните единици на Армијата.
Генералот Ѓурак се заблагодари за гостопримството и истакна дека Република Турција останува посветена на високото ниво на воена соработка со порака за продлабочување во доменот на обуката, вежбите и едукација на припадниците на македонската Армија во престижните воени образовни институции на турските ВС.
За време на официјалните разговори со делегацијата на ВС на Турција, се презентираа тековните процеси за модернизација и трансформација на Армијата, нашиот придонес и учеството во меѓународните операции и мисии во странство и можноста за користење на капацитетите на АП „Криволак“ за обука и вежбовни активности.
Во рамки на денешната посета, делегацијата на ВС на Република Турција присуствуваше на показна вежба од страна на припадниците на Баталјонот за специјални сили, на која беа прикажани активности со кои се покажа обученоста и подготвеноста на нашата елитна единица.
По активностите во Генералштабот, генералот Метин Ѓурак придружуван од генералот Лафчиски, ќе оствари средба со претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Сиљановска-Давкова.