Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи денеска оствари средба со кинеска делегација составена од претставници на неколку водечки кинески компании, која ја предводеше амбасадорот на НР Кина во Северна Македонија, Џанг Ѕуо.
Вицепремиерот Битиќи пред бизнисмените од Кина ги претстави можностите и условите за инвестирање во Република Северна Македонија, истакнувајќи дека Владата на сите странски инвеститори им нуди законски втемелени и транспарентни мерки на поддршка за отпочнување на бизнис, пропратено и со силна институционална поддршка во реализацијата на инвестициите.
Посочувајќи на атрактивниот економски амбиент во државата, Битиќи истакна дека земјава има стратешка позиција во Европа, со развиена инфраструктура која овозможува брз транспорт и пристап до пазарите на европските земји.
На средбата со кинеските бизнисмени присуствуваше и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, кој ги престави условите за инвестирање во индустриските зони во земјава.