Владата би се формирала кон средината на јуни, очекува Африм Гаши

Денеска или утре ќе се формира работна група, можеби прво уште еднаш ќе разговараме на ниво на претседатели на партии, а потоа на ниво на генерални секретари или потпретседатели – вели еден од челниците на коалицијата „Вреди“, Африм Гаши, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Според првичните преговори, вели Гаши, очекувањата се земјава да добие нова влада до средина на јуни, оти заложбата за побрзо формирање влада е и на „Вреди“ и на ВМРО-ДПМНЕ.

„Јас мислам дека до средина на јуни ќе има влада, ценам по првиот разговор кој го водевме. Ако така одат работите, мислам дека брзо ќе биде“, рече Гаши.

Кога станува збор за преференции за ресори, иако не се разговарало за оваа тема на првиот состанок, Гаши вели дека нивна заложба е да имаат претставници во ресорите поврзани со петте столба за кои се залагале во изборната кампања, како интеграцијата во ЕУ, борбата против корупцијата, економскиот развој, децентрализацијата и образованието. Но, тоа не значи дека луѓето на „Вреди“ неизбежно треба да добијат министерски места во овие области.

„За овие ресори ќе сакаме да имаме луѓе, наши членови ќе бидат на битни функции, но не значи и не мора да биде тоа министер. Нашиот концепт ќе биде Владата да функционира како едно, да имаме една владина програма и да не е битно како ќе се вика министерот или од која етничка припадност е или од која политичка партија“,вели лидерот на Алтернатива.

Гаши вели дека идејата на ВМРО-ДПМНЕ за реорганизација на министерствата е прифатлива.

Гаши: Ќе има реорганизација на министерствата, сакаме да се намали бројот, да се регрупираат…

360°: Значи, за вас е прифатлива идејата на ВМРО-ДПМНЕ?!

Гаши: Да, мислам дека е во ред и тоа е врз база на аргументи.