Владата го поништи договорот за концесија за каменоломот во Страчинца! Меџити: Има сериозни недостатоци
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, објави дека Владата еднострано го раскинала Договорот за концесија за експлоатација на варовник на територијата на село Страчинце, општина Гази Баба, потпишан пред 10 години со „Мелкам Инженеринг“ од Скопско.
Според Меџити, одлуката е донесена поради сериозни недостатоци.
„Концесионерот не обезбедил минимално искористување од 20% според договорот, односно 25.000 тони годишно, во 2022 година биле ископани само 277 тони, во 2023 година немало никаква активност, а во 2024 година само 187 тони. Активностите често биле прекинувани и не се почитувале законските обврски, а исто така концесионерот не го платил концесискиот надоместок за ископаната количина во последните три години“, изјави Меџити.
Вонредниот инспекциски надзор спроведен од Државниот инспекторат за енергетика, рудници и минерални суровини потврди дека концесионерот не го исполнил договорот и дека имало долг прекин во активноста.
Со оваа одлука, важноста на концесијата е суспендирана, а сите одговорни институции се известени за понатамошни мерки.
„Ова е јасна порака дека Владата и Министерството за животна средина нема да толерираат невнимателно користење на природните ресурси. Ќе продолжиме да обезбедуваме нивно одговорно и одржливо управување, во интерес на граѓаните и јавниот интерес. Здравјето и безбедноста на граѓаните се и ќе останат наш врвен приоритет“, рече Меџити.