Владата го прифати предлог текстот за пругата на Коридорот 8 поднесен од Бугарија

Владата на денешната седница го прифати предлог-текстот на Договорот за подготовка, изградба и експлоатација на прекуграничниот железнички тунел, поднесен од Република Бугарија.

Како што соопшти Министерството за транспорт, во следниот период предлогот ќе го разгледува работната група, за чие формирање е одобрена одлука и во која ќе бидат вклучени вицепремиерот и министерот за транспорт, Александар Николоски, министрите за финансии и надворешни работи и надворешна трговија, Гордана Димитриеска-Кочоска и Тимчо Муцунски и директорот на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура „Железници на РСМ“, Синиша Ивановски.

Министерството за транспорт во соопштението наведува дека „Владата е силно посветена на изградба и модернизација на европските транспортни коридори, вклучително и Коридорот 8“.

„Во таа насока, изградбата на Коридорот 8 е стратешки проект на кој се посветува големо внимание и се преземаат активности во рамките на приоритетите за негово завршување. Целта на Владата преку Министерството за транспорт е да продолжи изградбата на источниот дел од железничкиот коридор 8 и да го поврзе со Република Бугарија. Но, повторно ќе ги нагласиме позициите на владата: за пругата да биде функционална и коридорот 8 да има смисла и да ги задоволи потребите за кои е наменет, треба да има заеднички проект за тунелот со Бугарија и да се гради направено заеднички во континуитет на сите решенија на тунелот“, информираат од Министерството за транспорт.

Тој нагласува и дека е потребно „од бугарска страна да се комплетира железничката линија која недостасува до граничната точка, како и да се модернизира железничката линија од Ѓуешева до Софија“.

„Македонија од своја страна ќе ја преиспита цената на чинење. Подобрувањето на поврзаноста во рамките на Западен Балкан и земјите од ЕУ е клучен фактор за понатамошна интеграција што ќе донесе придобивки за економиите и граѓаните во регионот“; се нагласува во соопштението.