– Владата на Косово го одложи пописот на населението, семејните домаќинства и становите, што требаше да се одржи овој месец, за април следната година.
Според новата одлука на Владата на Косово, пописот ќе се одржи од 5 април до 17 мај 2024 година.
На денешната седница на Владата, премиерот Албин Курти рече дека добил писмо од новото раководство на Агенцијата за статистика на Косово, која е задолжена за организирање на пописот, дека процесот не оди како што би требало. Претходното раководство на Агенцијата за статистика на Косово на крајот од октомври побара одложување на пописот поради недостиг на таблет-компјутери за потребите на пописот и поради недоволниот број попишувачи.
Ова е втор пат Владата да го одложува пописот. Според првичната одлука, пописот на населението, семејните домаќинства и становите требаше да се изврши во периодот од 1 септември до 16 октомври 2023 година, па беше одложен за два месеца.
Последниот попис во Косово беше спроведен во 2011 година. Меѓутоа, во четири општини на северот на Косово, пописот тогаш не беше спроведен, а во останатите косовски општини Србите учествуваа само делумно.