Владата на Република Македонија одобри грант од 3,7 милиони евра за продолжување на изградбата на Коридорот 8 со Бугарија
„По средбата на високо ниво помеѓу вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски и вицепремиерот и министер за транспорт на Бугарија, Гроздан Караџов, и понатамошните работни групи од двете земји, се конкретизираат активностите за изградба на третата фаза од железницата од Крива Паланка до границата со Бугарија, како и изградбата на тунелот како граничен премин. Во рамките на овие активности, денес Владата на својата седница одобри одлука за спроведување на Договорот за грант за техничка поддршка во износ од 3,7 милиони евра обезбедени од Европската инвестициска банка“, се наведува во соопштението за јавноста на Владата.
Со ова, како што е објаснето, избраниот консултант во наредниот период ќе подготви нова проектна документација, како и ќе ја подготви тендерската постапка за избор на изведувач.
„За забрзување на активностите, Јавното претпријатие за железничка инфраструктура ќе ја започне постапката за избор на надзор на изградбата. Преку овие активности, Владата континуирано покажува силна посветеност на спроведувањето на стратешки инфраструктурни проекти за државата. Изградбата и модернизацијата на железничката мрежа е приоритет на Владата и во рамките на овие приоритети се преземаат зголемени активности за понатамошна изградба на железничката пруга на Коридорот 8, како и изградбата на брзата линија во Коридорот 10“, нагласува владината прес-служба.