Владата на САД санкционираше поединци и правни лица поврзани со финансиската мрежа на Јордан Камчев

Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина и Ратка Куновска Камчева,  како и компаните „Систина Лајф Кеар Центар“, „Орка Холдинг“, „Бет сити“, „Орка Фајнанс“ и „Камчев консалтинг“, се ставени на т.н американска црна листа.

-Владата на САД денеска санкционираше поединци и правни лица поврзани со финансиската мрежа на Јордан „Орце“ Камчев, кој беше санкциониран за корупција од страна на САД во јули 2023 година. Американското министерство за финансии денеска наметна санкции врз Сергеј Самсоненко и Ратка Куноска за корупција и малигни активности, согласно Извршните наредби 14033 и 14024, заедно со деловни субјекти што тие или санкционираниот Орце Камчев ги поседуваат или контролираат, информира во објава на Фејсбук Американската амбасада во Скопје.

Овие постапки, стои во објавата, покажуваат како одредени елити уживаат придобивки од корупција и ги поткопуваат државните институции на сметка на граѓаните на оваа држава. САД ќе продолжи да ги држи одговорни корумпираните актери, и денешното соопштение претставува потсетник дека оној со кој врши бизнис може и ќе влијае врз вас и вашето семејство. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат повеќе, порачуваат од Амбасадата на САД. 

Во соопштението на Министерството за финансии на САД, се наведува дека Сергеј Самсоненко е граѓанин со двојно државјанство на Русија и Северна Македонија и богат бизнисмен кој живее во Северна Македонија.  Се посочува дека  помеѓу 2017 и 2018 година, Самсоненко и неговата сопруга Ирина Самсоненко, исто така со двојно државјанство на Русија и Северна Македонија, купиле земјиште од Јордан Камчев. Оваа зделка, стои во соопштението, подоцна доведе до сведочењето на Самсоненко на суд во Северна Македонија на судењето во случајот „Парцели на Водно“, каде Камчев и неговата мајка Ратка Куноска Камчева беа обвинети за перење на пари.

-Во 2021 година, Самсоненко изврши исплати на неговата сопруга Ирина. Истовремено, Ирина направи трансфер на средства на Камчев Консалтинг Скопје ДООЕЛ и Орка Фајнанс Скопје ДООЕЛ; и двете компании се поврзани со Камчева. Исто така, во истиот временски период, парите трансферирани на Камчев Консалтинг и Орка Фајнанс беа искористени за исплата на заемповрзан со Орка Холдинг АД, компанија поврзана со Јордан Камчев. Покрај тоа, Самсоненко и Ирина ја купија компанијата Систина Лајф Кеар Сентар Скопје ДООЕЛ, друг субјект имплициран во судењето „Плацеви на Водно“, од Камчев и Камчева. Конечно, Бет Сити Интернешнл ДОО Скопје, спортска кладилница, е половина во сопственост на Самсоненко, а другата половина во сопственост на Орка Холдинг, чиј директор е Јордан Камчев, се наведува во соопштението.

Според Министерството за финансии на САД, Самсоненко, Ирина и Камчева се санкционирани согласно Извршната наредба 14033 за обезбедување материјална помош, спонзорство или обезбедување финансиска, материјална или технолошка поддршка за, или средства или услуги за или во поддршка на Јордан Камчев, лице чиј имот и имотни удели се блокирани согласно Извршната наредба 14033.

-„Систина Лајф Кеар Центар“ е санкционирана согласно Извршната наредба 14033 поради тоа што е во сопственост или е контролирана од, или заради тоа што делувала или имала намера да делува директно или индиректно за или во име на Ирина, лице чиј имот и имотни удели се блокирани согласно Извршната наредба 14033. „Бет Сити“ е санкционирана согласно Извршната наредба 14033 поради тоа што е во сопственост или е контролирана од, или заради тоа што делувала или имала намера да делува директно или индиректно за или во име на Самсоненко и Камчев, лица чиј имот и имотни удели се блокирани согласно Извршната наредба 14033.  „Орка Холдинг“ АД е конгломерат поврзан со Камчев што делува во голем број сектори. „Орка Фајнанс“ и „Камчев Консалтинг“ се компании за консалтинг и деловни услуги во рамките на мрежата на Камчев и се во сопственост на Камчева, наведува Министерството.

Како што објаснува, „Орка Холдинг“ е санкционирана согласно Извршната наредба 14033 поради тоа што е во сопственост или е контролирана од, или заради тоа што делувала или имала намера да делува директно или индиректно за или во име на Камчев, лице чиј имот и имотни удели се блокирани согласно Извршната наредба 14033. „Орка Фајнанс“ и „Камчев Консалтинг“ се санкционирани согласно Извршната наредба 14033 поради тоа што се во сопственост или се контролирани од, или заради тоа што делувала или имала намера да делува директно или индиректно за или во име на Камчева, лице чиј имот и имотни удели се блокирани согласно Извршната наредба 14033.

Во јуни годинава САД го ставија на т.н црна листа градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, а минатата година на листата се најдоа и поранешниот премиер Никола Груевски и екс-директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков заради нивна вмешаност во „значителна корупција“.  Претходно на „црната листа“ на САД, беа ставени и Љубе Бошковски, Мендух Тачи, Џеват Адеми, Кастриот Хаџиреџа, Невзат Халили, Гафур Адили, Нури Беџети, Џавит Хасани, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени.