Претседателот на Управниот одбор на М-НАВ Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор во М-НАВ Љубе Стаменковски, кој претходно поднесе оставка, да бидат разршени, а на нивно место да бидат именувани Илир Мехмеди и Милан Кораќ. Ваква насока дала Владата на денешната седница до Надзорниот одбор на Акционерското друштво во државна сопственост за вршење дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје.
На денешната седница, на која како точка на дневен ред се најде состојбата во М-НАВ, не било предложено разрешување на членот на Управниот одбор и директор на М-НАВ, Хасим Деари.
„Владата на денешната седница даде насока на Надзорниот одбор Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје да ги разреши Фахрудин Хамиди од должноста претседател на Управен одбор и извршен директор во СВН и Љубе Стаменковски од должноста член на УО и извршен директор во СВТ. Владата воедно му препорача на Надзорниот одбор на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација „М-НАВ“ А.Д. – Скопје за извршен директор во СВН да го именува Илир Мехмеди, а за извршен директор во СВТ да го именува Милан Кораќ, стои во изјавата од Владата.
Смените во раководството на М-НАВ, Владата ги најави по минатонеделниот упад во оваа институција и напад на вработени.
Струковиот синдикат на контролори на летање најави дека од одлуката на Владата ќе зависи дали утре ќе стапат во штрајк со целосно затворање на воздушниот сообраќај, откако претходно натамошното работење го услови со оставки од директорите во М-НАВ или нивно разрешување.
Денеска во М-НАВ влегоа инспектори од Управата за финансиска полиција каде што се вршат проверки на целокупното финансиско работење на ова акционерско друштво.
Инаку, за инцидентот, Основното јавно обвинителство претходно отвори истражна постапка против осум лица кои се товарат за кривичното дело загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.
Упадот во М-НАВ се случи на 4 јануари, непосредно по прес-конференцијата на лидерот на Струковиот синдикат на контролорите на летање, на која информираше дека членовите на Синдикатот се под засилен притисок од менаџментот на М-НАВ поради негодувањата на синдикалците за последниот оглас за вработување.