Владата утре ќе расправа за Иловица, Битиќи останува на ставот дека ќе се почитува одлуката на граѓаните
Владата утре на седница се очекува да расправа за концесијата за рудниците Иловица-Штука. Се очекува министерот за економија Крешник Бектеши да реферира за сите правни постапки што се преземени за овие рудници почнувајќи од 2012 година.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и денеска повтори дека ќе се почитува одлуката на граѓаните, односно дека доколку се изјаснат против отворањето на рудници во овој регион, тоа ќе биде испочитувано.
– Утре имаме седница на Влада на која министерот за економија е задолжен да реферира за судски и други правни постапки што се преземени за Иловица почнувајќи од 2012 година до денес. Откако ќе ги слушнеме сите моменти, ќе се знае кој е следниот чекор. Како Влада рековме дека ако граѓаните кажат дека не сакаат да имаат рудник, ние ќе постапиме така. Мислам дека таму еднаш имало изјаснување на граѓаните само во Босилово, подготвени сме да помогнеме сите граѓани од целиот тој регион да се изјаснат на референрдум дали сакаат или не сакаат да има рудник, рече Битиќи по посетата на компанијата „Сивус“.
Одговарајќи на новинарско прашање дали доколку граѓаните се изјаснат против, Владата е подготвена да му плаќа пенали на инвеститорот, вицепремиерот рече дека не се знаат сите правни моменти затоа што се уште не се знае каков ќе биде точно исходот.
На 15 овој месец граѓаните од струмичкиот регион одржаа протест против отворањето на рудникот Иловица-Штука.
Во однос на Законот за солидарен данок за кој имаше реакции од стопанските комори кои најавија и оспорување пред Уставниот суд, вицепремиерот рече дека законот е во собраниска процедура и дека доколку Уставниот суд донесе одлука против законот, Владата тоа ќе го почитува.
– Законот е во собраниска процедура и Владата е немоќна кога законот е веќе во собраниска процедура. Останува на Собранието да го донесе законот како највисок законодавен орган. Секое оспорување на закон е демократско право. Ако се оспори пред Уставниот суд и тој има одлука за тоа, тогаш Владата секако дека ќе ја почитува таа одлука, рече Битиќи.