Владата ќе одлучува дали прехранбениот сектор ќе остане без субвенционирана струја

Најавата за можно укинување на мерката за субвенционирана струја за компаниите од прехранбената индустрија бидејќи не се намалени цените на основните прехранбени производи, вчера се официјализираше со таков предлог од Министерството за економија до Владата. 

Со мерката, што се применува веќе три месеци, се опфатени компании што произведуваат – масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, како и месната и живинарската индустрија. 

null

Од  Министерство за економија вчера попладне соопштија дека доставиле предлог до Владата да се укине мерката откако нивните анализи покажале дека голем дел од компаниите што користеа субвенционирана електрична енергија од „ЕСМ Продажба“ по цена од 80 евра за мегават час не ги намалиле цените на основните прехранбени производи. 

По стартот на мерката и реакциите во јавноста дека нема забележливи намалувања на цените на прехранбените производи, од Владата и Министерството за економија во неколку наврати апелираа да се исполни договореното за поевтинување на производите. Министерот за економија Крешник Бектеши пред неполн месец ги предупреди компаниите дека ќе останат без субвенцијата, ако во меѓувреме не го исполнат договорот за поевтинување на производите и најави дека за конкртни предлози и одлуки ќе се почекаат анализите од Државниот пазарен инспекторат.

Пред објавата од Министерството за економија дека е доставен предлогот, премиерот Димитар Ковачевски изјави дека за компаниите кои не го почитуваат џентлменскиот договор меѓу Владата и стопанските комори за намалување на цените на нивните производи, не треба да важи мерката за набавка на електрична енергија по субвенционирана цена.

– Доколку нема објективни причини за тоа да не бидат намалени цените и покрај субвенционираната цена на електрична енергија, тогаш нормално дека нема да добиваат субвенционирана цена на електрична енергија, бидејќи ја субвенционираат граѓаните на државата. Тоа се средства на граѓаните за да може да се намалат цените на производите, изјави вчера Ковачевски во одговор на новинарско прашање.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, пак, не е веднаш за радикални мерки и за укинување на субвенцијата за електрична енергија. Порачува дека треба да се слушнат аргументите на компаниите кои не го исполниле ветеното. Доколку аргументите не се на нивна страна, посочи, тогаш сме подготвени да ја укинеме субвенцијата.

– Има намалување на цените на прехранбените производи, но не во таа мера во која очекувавме и ќе разговараме што ќе бидат следните чекори на Владата. Не сакаме никогаш да кажеме кој е радикалниот момент – дали нешто што сме дале, треба веднаш да укинеме. Треба да ја чуеме другата страна зошто тоа го направиле. Ако има аргументи на нивна страна, ќе им дадеме уште одреден временски период, но ако нема аргументи, не само што сме подготвени да ја укинеме субвенцијата, туку сметам дека тоа се пари на граѓаните и треба да изнајдеме механизам тие пари да ги вратиме кај граѓаните, изјави вчера Битиќи.

Во однос на најавата од претставниците на пекарската индустрија дека ќе го поскапат лебот ако државата не им ги субвенционира платите на пекарите, тој вели дека до него не е стигнало такво барање, но е подготвен да разговара со нив. 

Намалување од најмалку 10 отсто на цените на основните прехранбени производи, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски кој е во работна посета на охридско-струшкиот регион.

– Сметам дека како и сите други барања, треба да се разговара со сите стопански гранки, но сметам дека државата не може да биде партнер на стопанските субјекти. Ние може да помогнеме во тешки времиња, но априори давање на изјави кои имаат карактер на закана дека ако ова не го направите, ќе пристапиме кон друг момент, сметам дека не е соодветно и дека не е во духот на она што сме го изградиле изминатите години, рече Битиќи.

Пекарската индустрија, потсети, е субвенционирана во делот на електричната енергија, но, како што рече, само дел од субјектите во оваа индустрија го исполниле ветеното да ги намалат цените.

-И сега прашањето е дали треба нов џентлменски договор или треба нови правила на воспоставување на пазарот, рече Битиќи.

Од Организацијата на потрошувачи (ОПМ), пак, сметаат дека компаниите од прехранбениот сектор, кои не ги намалиле цените, а користеле субвенционирана струја, треба да ги вратат парите. Предлагаат средствата за таа намена да се вложат во „зелена енергија“  за граѓаните да имаат помали сметки.

Најсоодветна мерка за цените на прехранбените производи во моментов, според ОМПМ, е нивно замрзнување.

– Владата навистина треба да размисли за да се заштитат граѓаните, треба да направи нешто посериозно. Јас лично се изненадив кога рекоа дека ќе престанат да им даваат субвенции на компаниите. Не треба да престанат, треба да побараат да им ги вратат парите за субвенционираната струја и ние тоа го бараме. Да побараат, тие пари што ги дале, да им се вратат назад, како што даваа субвенции за фирмите па не завршија кај работниците, изјави на почетокот на неделава Маријана Лончар, претседател на ОПМ.

Мерката за субвенционирана електрична енергија од 80 евра по мегават час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи важи од 1 декември лани и со актуелната одлука е во сила до 30 април годинава. Владата ја одреди субвенционираната цена на струјата во време кога таа на берзите чинеше 300-350 евра за мегават час.  Субвенционирана цена на струја од државата користат и јавните основни и средни училишта, како и јавните комунални претпријатија.