ВЛАДА: И покрај забелешките од ЕУ, експерти послушници на СДСМ и ДУИ, ги бранат Судскиот и Советот на ЈО од реформи и деполитизација

Решението е целосна реформа, целосна департизација и на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители. Препораките од Оценската мисија треба да бидат разгледани со должно и сериозно внимание затоа што ако вака продолжиме следниот извештај на Европската комисија ќе биде негативен или полош од сите претходни, велат за МИА од Владата.

На прашањето кој е ставот на Владата за Извештајот на ЕК во кој се нотира дека најавеното распуштање на Судскиот совет и Советот на ЈО загрижува и дека е неопходно реформи во согласност со препораките на Оценската мисија, од Канцеларија на портпарол на Владата, велат дека секогаш кога ќе се отвори темата за распуштање на овие институции, тогаш „многумина се загрижени, а преку експерти кои долги години биле послушници на СДСМ и ДУИ, ги бранат позициите дека тоа не може да се направи“.

-За жал судско обвинителскиот систем во Македонија е катастрофален и тоа што е пример за заробено судство е денес практично македонското судство. Во овој момент како најсоодветен пример за овие тврдења се наводите со кои се врши брутална партизација на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. Затоа потврдуваме дека решението е целосна реформа, целосна департизација и на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители и веднаш штом ќе се започнат било какви процедури јавноста ќе биде информирана, се вели во одговорот од Канцеларијата на портпаролот на Владата.

Исто така, истакнуваат дека, препораките од Оценската мисија треба да бидат разгледани со должно и сериозно внимание затоа што истите се изработени од експерти кои низ длабока анализа донеле такви препораки, затоа што „ако вака продолжиме следниот извештај на Европската комисија ќе биде негативен или полош од сите претходни“.

Во однос на најавените консултации за реформи на Судскиот и Јавно обвинителскиот совет, од Владата за МИА посочуваат дека реформите вo правосудниот систем од предизборно ветување станаа дел од владината програма 2024-2028 година, конкретно во глава II-Фонд против корупција.

– Владата се залага за системски решенија, за трансформирање на правосудните органи во вистински, транспарентни, одговорни и ефикасни институции. Сериозно сме посветени и остануваме на идејата за носење на решенија кои ќе бидат темел на едно нормално демократско општествено. Со цел донесување на одржливо решение повикавме на расправа и побаравме инклузивност, за што до денес немаме таква состојба на повидок. Па оттука сосема логично е прашањето дали од распуштањето на овие институции има многумина загрижени субјекти? Важно е да се знае дека доаѓа време на промени и шанса за професионалните и способни кадри, велат од Канцеларијата на портпаролот на Владата.

Програмата за работа на Владата 2024-2028, доставена во Собранието од Христијан Мицкоски, е претставена во шест столба на над 60 страни. Носечка цел, како што се наведува, е обнова на довербата во институциите на државна власт, елиминирање на корупцијата и обезбедување на владеење на правото, како и економското заживување со цел создавање на продуктивни и добро платени работни места. Вториот столб – фронт против корупцијата, предвидува реформа на правосудниот систем и системска борба против корупцијата.

– Законите ќе се применуваат еднакво за сите граѓани, без оглед на нивната етничка, верска, полова и друга припадност. Владата ќе понуди нови системски решенија за трансформација на правосудните органи во вистински независни, транспарентни, одговорни и ефикасни субјекти кои се темел за едно нормално демократско општество. Ќе се посвети на ослободување на судството од стегите на извршната власт и спроведување политики за расчистување со судирот на интереси во правосудството, присутниот непотизам, партизација и кронизам, се вели во програмата на Владата.

Предвидува распуштање и законска реформа на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Во преоден период, Владата ќе иницира законски измени со кои ќе утврди строги и објективно мерливи критериуми кои треба да ги исполнат новите членови, избрани на предлог на Собранието и на Претседателот на државата, преку транспарентна и јавна постапка што ќе го гарантира интегритетот и квалитетот на избраните кандидати. Владата ќе иницира процес на промена на Уставот во делот на уредување на составот на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.