– Со задоцнување од повеќе од два часа поради технички проблеми во Собранието на Република Северна Македонија денеска започна 145. пленарна седница.
Пратениците не прифатија на дневен ред на седницата да бидат ставени измените на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија, со кои ВМРО-ДПМНЕ предлагаше одложување на важноста на патните исправи односно патните исправи со натписот „Република Македонија“ да важат до истекот на рокот на важење кој е наведен во патната исправа, најдоцна до 12 февруари 2024 година. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека изменувањето на Законот било неопходно поради тоа што било извесно прекршувањето на уставното загарантирано право на граѓанинот на слободно движење, односно слобода на движење утврдено во членот 27 став 2 од Уставот на Република Македонија “.
Пратениците ја изгласаа потребата за носење на измени на закони поднесени од пратеници СДСМ, за, како што кажа пратеничката Санела Шкриељ, да се ограничи можноста за значително или ново покачување на платите на функционерите.
Беше изгласано повторно на дневен ред да бидат ставени четирите стратешки инвестициски проекти што синоќа беа усвоени на владина седница, и коишто беа образложени од вицепремиерот Фатмир Битиќи. По скратена постапка ќе се носат Предлог законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект МИТИЛИНЕОС когенеративна постројка Скопје, Предлог законот за реализација на Стратешкиот инвестициски проект „Соларен парк Стипион“ и Договор за стратешки инвестиционен проект „Соларен парк Стипион“, Предлог законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект АИМ ГРЕЕН ТЕЦХ и Предлог законот за реализација на стратешкиот инвестициски проект соларна електрична централа – Пехчево.
Меѓу другите, на дневен ред на оваа седница е и избор на член на Државната изборна комисија, а како 28 точка се ставени и измените на Законот за игри на среќа.
Седницата ќе продолжи во 16 часот, а беше прекината на барање на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Мицевски. Тој исто така реагираше дека мнозинството на дневен ред става стратешки закони по скратена постапка, во период на распишани избори. Најави дека доколку новата Влада ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат анализирани сите овие закони, кои имаат значителни финансиски импликации.
Претседателот на Собранието Јован Митрески на паузата најави ат хок координација за изборот на член на Државната изборна комисија.
За попладнево освен продолжението на 145. седница, закажани се продолженија на уште шест други седници. Доколку се одржат се очекува Собранието да донесе закони за кои веќе е завршена расправата.