ВЛАДИМИР ПУТИН ЗА ПРВПАТ ПАТУВА ВО ЗЕМЈА-ЧЛЕНКА НА НАТО ПО ВОЈНАТА – Еве зошто претседателот на Русија нема да биде уапсен
Претседателот на Русија, Владимир Путин, ќе ја посети Турција на 12. февруари за да се сретне со својот колега Реџеп Таип Ердоган, потврди турски официјален претставник за медиумската агенција Reuters во средата, што воедно претставува прво патување на Владимир Путин во земја-членка на НАТО по инвазијата на Москва на Украина во февруари 2022 година.
Патувањето на Владимир Путин во странство е ограничено од март минатата година кога Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење против него за наводно депортирање на украински деца во Русија, што е воено злосторство. Официјална Москва ги отфрли обвинувањата и го нарече потегот срамен, но кажа дека во секој случај е правно неважечки бидејќи Русија не е членка на МКС.
Турција исто така не е дел од Римскиот статут на МКС, така што Владимир Путин може да патува во Турција без страв дека ќе биде уапсен според налогот.
Турција, која дели поморска граница со Украина и Русија во Црното Море, се стреми да одржува добри односи со двете нации. Таа и пружи воена поддршка на Украина и изрази поддршка за нејзиниот територијален интегритет, но и се противи на санкциите против Русија.
Официјална Анкара се обиде да ја убеди Русија да се врати на Црноморската иницијатива за жито, со посредство на Обединетите нации и Турција за да се обезбеди заштитен извоз од украинските пристаништа, откако Москва се повлече од договорот минатиот јули по една година спроведување.
Реџеп Таип Ердоган кажа дека алтернативите на договорот не можат да обезбедат трајно решение. Додека Киев вели дека се водат разговори за заживување на договорот, а Москва вели дека не е заинтересирана за негово повторно воспоставување.
Претходно во средата Турција и Украина потпишаа договор со кој им се дозволува на турските градежни компании да учествуваат во реконструкцијата на украинската инфраструктура оштетена во војната со Русија.
Турција има блиски економски врски со Русија, особено во туризмот, снабдувањето со гас, жито и друга земјоделска трговија, што ги прави западните земји немирни. Сепак, двете земји се судрија и за конфликтите во Сирија и Либија, каде ги поддржуваат спротивставените страни, како и за тензиите меѓу Азербејџан и Ерменија во Јужен Кавказ.
Одделно, Реџеп Таип Ердоган ќе отпатува во Египет на 14. февруари, соопшти турски официјален претставник, откако двете земји ги подобрија своите дипломатски односи со назначувањето амбасадори минатата година по децении тензија.