Владимир Путин ја почести со голема награда 24-годишната ќерка на Рамзан Кадиров, инаку министерка за култура во Чеченија: “Ова се многу години заслуги за нејзе…“
Претседателот на Русија, Владимир Путин, ја одликуваше 24-годишната ќерка на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, Ајшат Кадирова со Орден за заслуги за татковината од II. степен.
Ајшат Кадирова е наградена за нејзините заслуги во развојот на националната култура и уметност, како и долгогодишната плодна и творечка дејност, пренесуваат руските медиуми.
Ајшат Кадирова е министерка за култура на Чеченија од октомври 2021 година. Пред тоа една година работеше како заменик-министерка за култура на Чеченија. Пред државната служба, ќерката на послушникот на Владимир Путин три години ја водеше исламската модна куќа „Фирдус“. За тоа време и беа доделени медалите „За заслуги на Чеченската Република“, „Заштита на човековите права“ и „Заслуги во работата“, титулата почесен културен работник на Чеченија и Орденот „Кадиров“, кој е највисоката декорација во Чеченија.
„Овој развој на настаните воопшто не е изненадувачки бидејќи, како и во секоја диктатура, особено диктатура на постсоветскиот простор, Рамзан Кадиров ги назначува сите свои роднини и сите негови роднини на многу високи позиции“, изјавила Лана Естемирова, писателка и активист од Чеченија за The Art Newspaper.
Рамзан Кадиров ја назначи својата ќерка за министерка откако на изборите беше реизбран за лидер на Чеченија со 99,7 отсто од гласовите. Рамзан Кадиров е обвинет за нарачување убиства на политички противници во земјата и во странство и за насилство врз ЛГБТК луѓето. Чеченскиот лидер е на списокот со санкции на ЕУ и САД, а од 2020 година неговите две ќерки Ајшат и Хутмат Кадирова се исто така на списокот за санкции на американскиот Стејт департмент поради нивната вмешаност во кршење на човековите права.
Во јуни оваа година, 20-годишната ќерка на лидерот на Чеченија, Хутмат Кадиров, беше одликувана со Орден „Кадиров“ за нејзиниот голем придонес во развојот на медицината. Хутмат Кадирова беше назначена на функцијата супервизор за здравствена заштита во Чеченија (позиција што дотогаш не постоеше) неколку месеци пред да ја добие наградата.