Владини извори тврдат: “Ако не се донесат уставните измени влегуваме во групата држави без долгорочна перспектива“
Ако не се донесат уставни измени влегуваме во изолација и во група на држави без долгорочна перспектива, брифираат владини извори.
Варијантата А, велат владини извори, е завршување на уставните измени и продолжување – отворање на првото Поглавје, а варијанта Б е незавршување на уставните измени и прекинување на преговорите, Албанија да ги продолжи преговорите, а ние влегуваме во една декада на изолација и ја пропуштаме шансата, имајќи ја предвид новата геополитичка состојба пред се заради Украина.
Во однос на тековниот скрининг процес за усогласување на ЕУ-законодавството, владини извори информираат дека се завршени објаснувачките скринизи за четири кластери, процесот е на половина, останува уште да ги слушнеме во објаснувачкиот дел новините во законодавството на ЕУ во два кластери – Кластер 5 – Ресурси земјоделство и кохезија и Надворешни односи и очекувањата на Владата се тоа да се заврши до есен.
Од друга страна, билатералниот скрининг, а тоа е делот каде што ние презентираме е целосно завршен за кластерите 1 и 2 – Фундаментални предности и внатрешен пазар, додаваат оттаму. Остануваат уште четири поглавја за да се комплетира Кластерот 3 и тоа ќе се заврши до првата недела на месец јуни, а потоа се продолжува со кластерите 4, 5 и 6 – Зелена агенда, Земјоделие и Надворешна политика.
„Веќе влеговме во интензивна комуникација околу подготовката на патоказите, трите патокази што ни се од клучно значење, тоа е за реформи во јавна администрација, водење на правото и функционирање на демократски институции. Тие патокази се всушност услов за отворање на првиот Кластер, нивното завршување. Работиме на воспоставување на институционалната рамка за подготовка на патоказите, но исто така и на начинот на консултација со граѓанските организации и со странски експерти, на пример за владеење на право поканивме експерт од Холандија, за другите исто така има од различни држави. Меѓутоа, особено полагаме внимание на ова бидејќи и овие патокази треба да ни го дадат патот за реформите и потезите во наредните 6 до 7 години, значи до членството“, брифираат владини извори.
Оттаму, во однос на информациите што кружат деновиве околу Преговарачката рамка, дека таа се уште не е усвоена и дека допрва треба да се усвојува и разговара, појаснуваат дека Преговарачката рамка беше усвоена во јули минатата година на првата меѓувладина конференција, каде што е констатирано тоа во заклучоците, а дека ќе биде објавена на втората меѓувладина конференција по завршувањето на сите обврски предвидени во заклучоците и Преговарачката рамка, а тоа значи уставните измени.
„Така што, таа е донесена, не може да се преговара, нема повторно да се разгледува, туку само ќе биде објавена тогаш после втората меѓувладина конференција“, нагласуваат извори од Владата.
Од Влада ги појаснија и механизмите пред членството во ЕУ, односно согласно новата методологија механизми за наградување и механизми за казнување.
„Механизми за казнување беше враќање на процесот од почеток ако одите назад. Механизми за наградување беше доколку одите добро со реформите станувате дел од политиките на ЕУ и пред членство. Сметаме дека е тоа добар начин да можеме полека, како што е на пример визната либерализација е еден пример како да сме дел од ЕУ. Движењето ни е слободно како на земји-членки, така и на нашето. Идејата е тука да можеме да имаме пристап и до фондови, меѓутоа сметаме дека не треба да се фокусираме само на ова. Ова не е алтернативен пат. Патот е тој до членството, меѓутоа да не биде празен до членството, па потоа да се добиваат бенефитите, туку да може бенефити да има и по патот до членство и мислиме дека граѓаните ќе ги почувствуваат тие бенефити по патот, а тоа е многу важно, бидејќи очигледно фокусирајќи се само на крајната цел се создаваат фрустрации по патот и тоа се гледа кај расположението на граѓаните по однос на ЕУ кое што за жал опаѓа. Мислам дека средствата и политиките ќе бидат многу важни и бенефитите ќе ги чувствуваат во секој дом секој граѓанин“, велат владини извори.