ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ е виновен што дозволи ДУИ да метастазира во општеството

„Ја видовме визијата на ДУИ за Македонија – збратимување со нејзините слуги од СДСМ, продажба на македонскиот идентитет, уништување на институциите и грабеж на државниот имот. Ова е визијата“, изјави владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

„Ако го анализираме тајкунскиот карактер на функционерите на ДУИ, кои од овчар станаа милионер, и сето ова го ставиме во визионерскиот контекст на Ахмети, ќе разбереме дека старите Македонци и Албанци се во право кога велат: „Нема ништо полошо од алчен човек“. Но, за ова не е виновна ДУИ, туку СДСМ. СДСМ се тие што дозволија ДУИ да метастазира во општеството, јадејќи ги ќелиите на сите граѓани во оваа земја, без оглед на етничката припадност“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека претходната влада ги крадела даноците на државата и на граѓаните.

„Ова е буџет од даноци платени од сите граѓани. А ДУИ го направи ова затоа што во СДСМ имаше поткупливи, корумпирани политичари кои исто така сакаа да крадат и, поради своите страсти, седеа во скутот на ДУИ и дејствуваа и молчеа со нив. Целата јавност треба да биде свесна дека ова е визијата на Ахмети: ограбување на Македонија, создавање тајкуни и мафијаши од неписмени овчари и бандити, и давање на сето ова визионерски идеолошки плашт под маската на борбата за демократија, права или европска иднина“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.