Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ преку официјално соопштение остро ја обвини СДСМ и претседателот на партијата, Венко Филипче, дека активно поддржуваат „опасна бугарска пропаганда“ во Македонија, со цел, како што велат, да се негира македонскиот идентитет, култура и државни интереси.
Според ВМРО-ДПМНЕ, целта на ваквото однесување е заштита на лични бизнис интереси, а зад сè стојат „пари и влијание од Бугарија“.
„Структури на СДСМ поддржуваат опасна бугарска пропаганда која има за цел негирање сè што е македонско. Амбасадорот на бугарските интереси и пари во Македонија е СДСМ и Венко Филипче“, стои во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека таргет на овие напади е нивниот лидер и актуелен премиер, Христијан Мицкоски, за кого велат дека е „главниот бранител на македонските национални интереси“ и „пречка за распродажбата на државата“.
„Јасно е зошто се нападите врз ВМРО-ДПМНЕ и пред сè врз Мицкоски. Тој се грижи за секој еден граѓанин и го брани националниот интерес“, додаваат од партијата.
Во реакцијата се нагласува и дека однесувањето на структурите во СДСМ е срамно и разочарувачко за македонската јавност, особено доколку, како што тврдат, зад тоа стојат бизнис интереси и финансиска поддршка од странство.
„Срамно е однесувањето на структурите од СДСМ кои поддржуваат бугарска пропаганда, а сето тоа за да си заштитат лични бизнис интереси“, стои понатаму во соопштението.
Според ВМРО-ДПМНЕ, македонските граѓани веќе имаат „јасна слика“ за тоа кој вистински се грижи за државата и кој, како што велат, ја распродава за лична корист. Партиијата најавува дека ќе продолжи со борбата против секое странско влијание кое го поткопува македонскиот идентитет и вредности.
„Секој еден граѓанин ги има прочитано внатрешните структури што се вклучени во ваква антимакедонска пропаганда. Секој знае кој навистина го брани интересот на Македонија“, заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ сè уште нема излезено со официјална реакција на овие обвинувања.