ВМРО-ДПМНЕ ќе се произнесе за измените во Изборниот законик во собраниска процедура, потребен датум за избори час поскоро, порача Мицкоски

– Работната група во Министерството за правда работи на измените во Изборниот законик. Тој Изборен законик повторно ќе дојде во собраниска процедура и ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија ќе се произнесе врз основа на тие измени што ќе ги добиеме како предлог. Точно е дека ние не учествуваме, но тоа не значи дека нема да учествуваме во носењето на измените или во носењето на новата верзија на Изборниот законик, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Тој во одговор на новинарско прашање околу повикот на Ковачевски и ВМРО-ДПМНЕ да учествува во работната група за изборниот законик, потенцираше дека кога ќе дојде во собраниска процедура, тогаш ќе се произнесат.

-Никогаш Министерството за правда не закажувало датуми за избори. Јас го разбирам Димитар Ковачевски, тој е поставен за вршител на должноста претседател на Владата и уште некое време ќе ја врши таа должност, нема изборно искуство, нема претходно искуство во овие процеси, изјави Мицкоски по средбата со стопанствениците од Општина Петровец.

Тој упати јавна покана до Владата да седнат час поскоро и да договорат датуми за претседателските и парламентарните избори. Партијата е подготвена, како што рече, да договорат датум за претседателски избори во прв круг и претседателски и парламентарни избори во втор круг.

-Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека нема потреба да трошиме дополнителни милиони народни пари поради математиките и политичките калкулации на веќе поразените политичари, дел од Владата на ДУИ и СДСМ. Оној датум кој што тие ќе го одберат, ние ќе го поддржиме. Подготвени сме да разговараме уште денеска, рече Мицкоски.