Квалитетот на водата во Охридското Езеро е од прва класа хемиски и одлична микробиолошки и може да се користат за капење, спорт и рекреација, покажуваат испитувањата на Центарот за јавно здравје – Охрид по земени мостри од повеќе локации.
Директорот на Центарот за јавно здравје Сашо Точков денеска на прес-конференција појасни дека испитувањата се правени на крајот од мај и почетокот на јуни, со земени мостри од повеќе места на потегот од Свети Наум до селото Радожда.
Во примероци од струшкиот дел, околу капалиштата во градското јадро, истакна дека имало две капалишта со квалитет од втора класа и микробиолошки добри. Согласно законската регулатива водите од прва и втора класа може да се користат за капење спорт и рекреација.
– Во охридскиот дел, околу местото едриличарски клуб, на вливот на каналот Студенчишта во езерото загрижувачки е што има цевка која се влива и тука водата е со класа пет, одонсно не задоволителна микробиолошки, што значи дека таа вода директно го загадува каналот Суденчишта, а со тоа и Охридското Езеро, појасни Точков.
За среќа, нагласи, загадување не се покажува, бидеќи моќта на самопрочистување на Охридското Езеро, е многу голема.
– Карактеристично е во делот кај Грашница, кај Градска плажа водите се со прва класа и микробиолошки одлични. Но, ќе видиме во текот на туристичката сезона кога ќе имаме поголемо користење од домаќинствата и туристичките капацитети. Се надевам нема да се одрази на квалитетот на водата во Охридското Езеро, истакна Точков.
Поради зголемениот број на гости на охридско-струшкото крајбрежје во јули и август и оптоварување на колекторскиот систем очекува квалитетот на водата да претрпи одредена деградација, но се надева дека нема да биде надвор од рамките да може да се користи за капење, спорт и рекреација.
Температурата на водата во Охридското Езеро е околу 20 степени, што е невообичаено за овој период од годината.