Водата во „Турија“ на пониско ниво, но и со повеќе манган – струмичани сè уште се без чиста вода за пиење
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) со наредба за нови мерки на ЈКП „Комуналец“. Инспекциските служби во вонредниот надзор утврдиле дека нивото на вода во брана Турија е енормно намалено. Притоа направен е увид и во филтер станицата и интерната лабораторија на струмичкото јавно претпријатие. Според анализите, „Комуналец“ ги презема сите потребни мерки за намалување на нивото на манган во водата.
Од АХВ велат дека е потребно механичко чистење и хиперхлорирање на филтер станицата, резервоарите и главната водоводна мрежа. Тие наведуваат дека според член 24 од Правилникот за барања на безбедност и квалитет на вода објавен во службен весник во октомври 2018 година јавното комунално претпријатие има обврска за такво чистење еднаш годишно, а почесто ако имало елементарни непогоди.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на вчерашната прес конференција рече дека Владата може да помогне, бидејќи ова што се случува во Струмица, според него е на рамниште на еколошка катастрофа. Сепак, вината за проблемот ја гледа во лошото работење на општината.
Струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов реагираше на прес-конференцијата. Тој вели дека, наместо да се понуди решение, министерот прави политички притисок кон општината, бидејќи локалната власт е водена од опозициската СДСМ. Тој смета дека станува збор за личен напад што го мотивира да се спарви на неправдата.
Агенцијата за храна и ветеринарство направи инспекциски надзор и на акумулацијата Турија. Лабораториски ќе се испитува и водата во брана Турија. За таа цел земени се примероци од осум мерни места.