Водата за пиење во Куманово е безбедна соопштија денеска од ЈП „Водовод“ Куманово, но и од Центарот за јавно здравје Скопје, откако Регионалниот центар за управување со кризи Куманово пренесе информација од ЈЗУ центар за јавно здравје – Скопје, одделение за микробиологија и паразитологија каде е наведено дека при анализа на мостра од вода за пиење од едно место не одговара на правилникот за барања на безбедност и квалитет на водата за пиење. Од кумановски „Водовод“ и од ЦЈЗ Скопје денеска потврдија дека водата за пиење во Куманово е безбедна.
Земената мостра како што појаснуваат од ЈП „Водовод“ е од мерно место од системот Бедиње.
– Анализата за која се работи се однесува на анализа кога е водата уште е во процес на преработка, односно нејзиниот процес дезинфекција уште не е завршен, така што тоа се однесува на тој примерок за вода, додека примероците од градската мрежа изработени од истиот Центар за јавно здравје Скопје покажуваат дека водата е безбедна за пиење. Се работи за процесот на пречистување на вода кој во моментот кога е пуштен за дополнителни количини вода од системот Бедиње тогаш доаѓа до мало пореметување на самиот процес кој технички кажано го збуни системот за земање на примерок на таа вода која продолжува со доработката и преработката и како таква станува безбедна за пиење и дури потоа влегува во системот за водоснабдување во Куманово. Водата е безбедна анализите кои ги врши центарот за јавно здравје покажуваат дека земената вода од пунктовите е безбедна и нема такви проблеми со неа, изјави раководителот на фабриката за вода од ЈП „Водовод“, Тони Јовчевски.
Денеска и Центарот за јавно здравје Скопје кој ја испитува кумановската вода потврди дека водата за пиење е безбедна.
– Водата за пиење во дистрибутивната мрежа на ЈП „Водовод“ Куманово е безбедна и одговара на законските и стручни прописи во однос на физичко-хемиските и бактериолошки параметри, односно граѓаните не треба да бидат загрижени во однос на консумирање на истата. Во врска со лабораторискиот наод за неисправноста на примерокот вода за пиење, (лаб.бр.325/2023) земен на 10.февруари годинава, бактериолошки не одговара заради зголемен најверојатен бр.колиформни бактерии (фекално загадување на водата за пиење), се работи за технички проблем кој веќе е отстранет од страна на ЈП „Водовод“ Куманово. Сите досега анализирани примероци вода за пиење одговараат на законските и стручни прописи во однос на физичко-хемиските и бактериолошки параметри, односно водата за пиење е безбедна и граѓаните не треба да се загрижени за консумација на истата, изјави прим. др Пецо Симјаноски, специјалист по хигиена и здравствена екологија, шеф на отсек за комунална хигиена од ЦЈЗ Скопје.
Утрово, РЦУК Куманово пренесе информација од ЦЈЗ Скопје дека по извршената анализа на мостра од вода за пиење на ЈП Водовод Куманово на ден 10.02.2023 (мерно место-чешма-хемлаб-филт.станица-финал. во водоводна мрежа) утврдено е дека испитаниот примерок вода не одговара на правилникот за барања на безбедност и квалитет на водата за пиење.
Од ЈП „Водовод“ информираат дека по исклучувањето на т.н „Бајпас“ од Водостопанство „Кумановско липковско поле“, пуштени се дополнителни количини на вода од системот Бедиње.
Како што појаснуваат согласно правилникот за безбедноста вода за пиење Центарот за јавно здравје Скопје врши 11 анализи месечно на водата за пиење низ градската мрежа и досега нема никаков проблем. Кумановската интерна лабораторија од „Водовод“ месечно спроведува над 100 анализи, така што водата за пиење е безбедна.