– Воената хунта на Нигер истакна дека ќе го гони соборениот претседател Мухамед Базум за велепредавство и поткопување на внатрешната и надворешната безбедност на земјата.
Изјавата ја прочита полковникот Амаду Абдрамане, портпарол на Националниот совет за заштита на земјата (CNSP), групата војници што ја презедоа власта откако го приведоа Базум.
„Нигериската Влада собра доказ за кривично гонење на соборениот претседател и неговите локални и странски соучесници пред надлежните национални и меѓународни тела за велепредавство и поткопување на внатрешната и надворешната безбедност на Нигер“, се вели во изјавата.
Се истакнува дека лобија поврзани со некои западноафрикански политичари ширеле лажни вести за „преодната влада“.
Исто така истакнато е и незадоволството на хунтата поради солидаризацијата на одредени елементи на меѓународната заедница со „соборените владини функционери“.
На 26 јули, група војници прочитаа изјава на нигериската државна телевизија кратко по приведувањето на претседателот Базум, истакнувајќи дека го презеле тој чекор поради „влошената безбедносна ситуација и лошото владеење“.
Базум беше избран во 2021 година во првата транзиција на демократската моќ во Нигер откако се стекна со независност од француската колонијална власт во 1960 година.