ВОЗНЕМИРУВАЧКИ, ПРВИТЕ ВИДЕА ОД МАСАКРОТ ВО КИНА: Влегол во градинка, ги убил учителката, двајцата родители и трите деца
Шест лица загинаа, а едно лице е повредено во градинка во провинцијата Гуангдонг во Кина , јавуваат светските медиуми.
Според првичните информации загинале еден наставник, двајца родители и три деца. Нападот се случил околу 7:40 часот по локално време, а осомничениот е уапсен по 20 минути, јавува Би-Би-Си, повикувајќи се на полицијата.
Полицијата не открива детали за жртвите или нападот. Франс прес пишува и дека жртвите се наставник, двајца родители и три деца.
Според локалната полиција, 25-годишен маж со презиме Ву бил уапсен во градот Лианџијанг. Причината за нападот е под истрага, но полицијата соопшти дека нападот бил планиран.
Ваквите случаи се многу ретки во Кина, но земјата бележи зголемување на нападите во последниве години, вклучувајќи ги и оние во училиштата и градинките.
Би-Би-Си потсетува на минатиот август кога напаѓач со нож упадна во градинка во југоисточната провинција Џиангкси, при што уби три лица, а рани шест други.
Во април 2021 година, две деца беа убиени, а 16 други беа повредени во масовен напад со нож во градот Бејли. Во октомври 2018 година, 14 деца беа повредени во напад со нож во градинка во југозападна Кина.